За само четири месеци од годинава, девизните резерви во државата се намалиле за
дури 403 милиони евра. Кои се причините за ваквиот значителен пад, дали се од
економска или од психолошка природа поради низата последователни кризи?

Од почетокот на годинава, девизните резерви на државава се намалија за 400 милиони евра. Најновите податоци на Народната банка се однесуваат за април годинава и говорат дека на крајот на четвртиот месец, Македонија располагала со девизни резерви од 3,24 милијарди евра. За еден месец, односно во споредба со март годинава, девизните резерви се намалиле за околу 33 милиони евра. Затоа, пак, многу позначајно било мартовското намалување на државните девизи и тоа изнесувало дури 110 милиони евра. Девизните резерви се намалиле и во февруари, и тоа за 83 милиони евра. Најголем бил минусот што за еден месец го доживеале девизните резерви во јануари годинава, и тоа за дури 178 милиони евра. Или, за само четири месеци, намалувањето е за дури 403 милиони евра.
Универзитетскиот професор и академик Абдулменаф Беџети вели дека сосема е разбирливо намалувањето на износот на девизните резерви во период на непредвидливи кризи, особено кога тие настануваат поради доминантни надворешни причини, како случајот со руската инвазија врз Украина.
– Значителен е износот на намалените девизни резерви за релативно краток период, но сметам дека понатамошното движење, барем во надолна линија, нема да биде со ваков интензитет. Причините се најразлични, од економски, па сѐ до психолошка природа. Економски – поради значителниот пораст на увозните цени, на енергентите (струја, гас и нафтени деривати) и на основните прехранбени стратегиски производи, пред сѐ, берзански (пченица, пченка, јачмен) и дел од градежните репроматеријали, како железото и челикот. А додека, пак, од психолошка природа може да биде конвертирање на заштедата од домашна во странска валута, поврзано со тоа и стравот за стабилноста на домашната валута и слично – објаснува Беџети.
Тој додава дека со растот на побарувачката за девизи, најмногу поради економските (наведени) причини, централната банка треба да интервенира со активирање дополнителна понуда, при што последично доаѓа до намалување на девизните резерви.

– За да не се создава непотребен впечаток, па и непотребна паника, треба да нагласиме дека финансиските меѓународни организации (ММФ, Светска банка) поставиле некои стандарди за минимум потребно ниво на девизни резерви. Тој е износот со кој ќе се покрива еден тримесечен увоз на земјата. Висината од над 3,2 милијарди евра на девизни резерви, кај нас претставува речиси дупло повисок износ од стандардот. Така што сме далеку од стравување за нарушување на девизниот пазар во земјата. Засега, ниту граѓаните ниту компаниите нема да го почувствуваат ова негативно движење, со оглед на тоа што во следните месеци претстои период на обичен раст на девизни приливи, пред сѐ, поради престојот на нашата економска дијаспора во земјата, но и поради сезонскиот извоз на примарни земјоделски производи – укажува Беџети.
Според него, монетарната политика засега повеќе е загрижена за инфлацијата и нејзиното стабилизирање, откако годишната стапка, на крајот на април, навлезе во долната маргина на двоцифрената бројка (10,5 отсто), поради што Народната банка реагираше со зголемување на базичната каматна стапка. Како што вели тој, ако продолжи оваа тенденција, граѓаните и компаниите може да ја почувствуваат.
Од Народната банка споменуваат дека промените во девизните резерви од почетокот на годината главно се одраз на поголемите потреби на компаниите за девизи поради повисокиот увоз на енергенти, а во услови на значаен раст на светските цени на овие производи.

– Во текот на април и на мај овие притисоци значително се намалија, наедно се забележува и сезонски поголема понуда на девизи и девизниот пазар е стабилен. Девизните резерви без дилема се на соодветно ниво за одржување стабилен курс на денарот. Впрочем, ова јасно е истакнато и во извештајот на ММФ. Доколку се направи споредба со нивото на девизни резерви за време на глобалната финансиска криза, сега нивото на девизни резерви е двојно повисоко, кога изнесуваа милијарди евра. На располагање ни е и репо-линијата од ЕЦБ, која обезбедува пристап до дополнителни 400 милиони евра девизна ликвидност – посочуваат од Народната банка.
Оттаму додаваат дека девизните резерви покриваат околу четири месеци од проектираниот увоз, што, според меѓународно прифатените стандарди, е комфорно ниво, а во услови на режим на стабилен девизен курс.