Фото: Игор Бансколиев

Во тек се пресметки чии резултати ќе покажат дали се исполнети предусловите Регулаторната комисија за енергетика и водини услуги (РКЕ) да носи нова одлука за цената на горивата или не. Како што информираат од РКЕ, се анализираат клучни елементи кои влегуваат во крајната цена а тоа се берзанските котации на нафтените деривати и курсот на доларот во однос на денарот.

Со измените во Правилникот за формирање на највисоки малопродажни цени на одделни нафтени деривати и горива за транспорт, се овозможува РКЕ да носи одлуки за прoмена на цените на нафтените деривати на дневна основа доколку берзанските цени имаат значителни промени.

-Со измените во правилникот се предвидува дека доколку берзанските цени и/или курсот на доларот во однос на денарот предизвикаат зголемување или намалување во малопродажната цена поголемо или еднакво на 2 денари за литар за моторни бензини, дизел гориво и масло за горење, односно 0,3 денари за килограм за мазут, во однос на утврдените цени во последната одлука, тогаш РКЕ ќе донесе нова одлука за највисоки малопродажни цени на нафтените деривати – порачуваат од Регулаторната комисија за енергетика.

Инаку, премиерот Димитар Ковачевски и министерот за економија Крешник Бектеши информираа дека ние се снабдуваме со нафта и нафтени деривати преку грчките пристаништа и нема никаков застој во тоа снабдување. Шпекулациите на кои граѓаните беа изложени во текот на минатата недела, појасни Ковачевски, прво предизвикале да има зголемена потрошувачка на гориво на бензинските пумпи. Информира дека за пет пати била зголемена дневната побарувачка односно продажба на гориво на бензинските пумпи. Дел од помалите продавачи на гориво во текот на првиот ден од ширењето на таа шпекулација, како што рече Ковачевски, ги намалија количините што ги продаваа на своите бензински пумпи, со цел количините што ги имаат да ги зачуваат и да ги продадат по поголема цена, по покачувањето што беше евидентно согласно движењето на цената на нафтата и нафтените деривати на светските берзи.

– Имаше зголемена продажба односно купување од страна на странски државјани во земјава со оглед на тоа што нашето усогласување на цените дојде подоцна од соседните држави. Оттаму имаше исто така на бензинските пумпи зголемена побарувачка, што може да се види на пограничните места во државата, каде неколкукратно беше зголемена продажбата на нафтените деривати – рече премиерот и додаде дека откако Владата излезе во текот на денот кога тоа се случи тоа, веќе нема гужви на бензиските пумпи и снабдувањето со нафта и нафтените деривати се одвива нормално.