Самит „Македонија 2025“

Напредокот на животниот стандард на граѓаните во Македонија е еден од приоритетите на „Македонија 2025“ и кон тоа целиме со нашите активности. Сепак, за жал, напредокот е мал и недоволен. Нашиот стандард е 38 проценти од стандардот во Европската Унија. Приближувањето кон ЕУ не се одвива со динамиката што ја очекуваме. Ова беше посочено на отворањето на 11. самит на „Македонија 2025“ од страна на директорката на организацијата, Никица Мојсоска Блажевски.
– Самитот се фокусира на теми важни за нашата иднина, при што ќе имаме можност за размена на идеи, искуство. Годинешниот е посветен на дигитализацијата. Ние во „Македонија 2025“ се надевам дека заеднички ќе направиме добри дела и дека ќе ја направиме Македонија подобро место за живеење, да помогнеме да напредуваме. Треба да бидеме свесни дека живееме во свет кога и малите земји имаат шанса да предводат со реформи, со новитети, но и свет каде што брзите ги јадат бавните, па не смееме да си дозволиме да бидеме бавни – потенцира Мојсоска Блажевски на отворањето на самитот.
Регионалната соработка, одржувањето на мирот и инвестирањето во образованието се трите клучни приоритети на кои треба да се посвети регионот на Западен Балкан во овие тешки времиња, порачаа премиерите на Македонија и на Србија, Димитар Ковачевски и Ана Брнабиќ, на вчерашниот самит во организација на „Македонија 2025“.
За премиерот Ковачевски, трите клучни работи во овие исклучително тешки времиња, предизвикани од здравствената и енергетската криза и војната во Украина, се задржувањето на животниот стандард на граѓаните и на растот на економијата и стратегиското инвестирање во сето она во што не е инвестирано во изминатите 30 години.

– Ние сме држави на дисконтинуитет – по менувањето на политичкиот и општествениот систем на уредување и војните што се водеа на просторот на поранешна Југославија, имавме многу точки на дисконтинуитет. Податоците за животниот стандард што го имаме во однос на развиените земји го покажуваат тоа. Затоа, клучни се инвестирањето во консолидација на енергетските системи, дигитализацијата на администрацијата и реформите во образованието, особено инвестирањето во струки коишто се потребни на пазарот на трудот – вели Ковачевски.
Српската премиерка Брнабиќ смета дека доколку се зачуваат мирот и стабилноста и се зајакне регионалната соработка, се отвора простор за економски раст и се обезбедува просперитет во кризни времиња. Важен приоритет, според Брнабиќ, е и вложувањето во образованието, науката, истражувањето и развојот, бидејќи тоа е единствениот начин да се надомести пропуштеното од времето на 90-тите години и од првата деценија на новиот милениум.
– Економијата не е таква големите да ги јадат малите, туку побрзите да ги јадат побавните. Нашата шанса е што сме помали и ако погледнете од бизнис-перспектива, малите компании се пофлексибилни, побрзо се приспособуваат на промените и предизвиците и тоа е она што ние можеме да го искористиме. А можеме да го искористиме тоа ако вложуваме во образованието, науката и развојот – истакна Брнабиќ.