Инвестициските фондови се инструменти за подолгорочно остварување на финансиските цели. Во последните години, во нашата земја има повеќе управувачки друштва, што значи дека можностите на граѓаните се зголемуваат, објаснуваат упатените

Вложувањето преку инвестициски фондови во земјава станува сѐ поатрактивно. Инволвираните велат оти расте приливот во фондовите, но и дека расте и прометот со акции на домашната и на странските берзи остварен од македонските граѓани. Недостигот од традиција на инвестирање во акции или преку фондови, според упатените, е една од главните причини поради кои нашиот пазар сѐ уште не ги достигнал нивоата на развиените земји, каде што долгорочното инвестирање преку разни фондови е семејна традиција што се негува и пренесува на следните генерации. За раст на интересот кај граѓаните и со цел дополнителен раст на вложувањата на пазарите на хартии од вредност, инволвираните во дејноста велат дека придонесуваат едукацијата и информираноста на граѓаните, но и сѐ поголемиот број инвестициски фондови во земјава.
– Прометот на домашниот и на странските пазари на хартии од вредност, и покрај сите предизвици низ кои поминуваат изминатиов период, континуирано бележи тренд на зголемување. Луѓето сѐ повеќе и повеќе бараат алтернативи за вложување на заштедените средства, најмногу поттикнати од ниските каматни стапки на инструментите со фиксен принос. Дополнително, вакви ситуации како војната во Украина создаваат пригода да може да се купат определени акции по релативно пониски цени. Ова придонесува граѓаните сѐ поактивно да ги користат услугите на инвестициските фондови што се активни на пазарот, да вложуваат на домашната и на странските берзи, да склучуваат аранжмани за осигурување на животот или, пак, да издвојуваат средства во доброволните пензиски фондови од третиот столб – вели Коста Костадиновски, овластен инвестициски советник и портфолио-менаџер на „Капитал ассет менаџмент“.

Немаме традиција да инвестираме во фондови

На прашањето што недостига кај нас за поголема вклученост на граѓаните во инвестиции преку фондови, дали се причина ниската доверба, недостигот од традиција или недостигот од знаење за начините на кои функционираат фондовите, Костадиновски потенцира дека најголемата причина лежи во традицијата.
– Најмногу недостига традиција, бидејќи за нашиот пазар, во нашава средина ова се релативно нови инструменти, нема традиција на инвестирање преку фондови, ретки се ситуациите кога родителите практикувале вложување преку фондови и да им го пренесат своето знаење на своите деца. Друг момент што исто така влијае се недостигот од информации, недостигот од знаење како функционираат овие финансиски инструменти и како правилно да се користат. Но состојбите се менуваат, а промените се веќе видливи. Вложувањата на берзите и во фондовите добиваат сѐ поголеми волумени, што е знак за зголемување на довербата на клиентите, а истото тоа е лесно видливо низ официјалните статистики и податоци – укажува Костадиновски.
Зголемувањето на бројот на управувачки друштва што раководат со инвестициските фондови ги подобри можностите граѓаните повеќе да се запознаат со работата на фондовите и да почнат да инвестираат.
– Во последниве години во нашата земја има повеќе управувачки друштва, што значи дека можностите на граѓаните се зголемуваат во смисла на стратегии за вложување и им се достапни фондови што се со различни инвестициски стратегии. Има можност да се вложува во парични фондови, во обврзнички фондови, балансирани за оние граѓани што сакаат поголема стабилност, а сепак да им се изложени средствата на пазарот на капитал, но има опции и за оние што имаат поагресивна стратегија за вложување – вели Билјана Станковска Арсова, лична финансиска советничка.

Едукација на населението

Нашите соговорници посочуваат дека бројот на фондови и целата индустрија во земјава динамично се развиваат и во земјава функционираат 19 фондови, кои се управувани од друштвата за инвестициски фондови, што, според нив, е солидна основа за зголемување на интересот и вложувања од страна на граѓаните. За подобрување на едукацијата кај граѓаните за инвестициските фондови и воопшто финансиските продукти, имаат посебен сегмент наменет за едукација.
– Во рамките на групација, „Капитал финансиски центар“ става акцент на едукација на населението од областа на различни финансиски продукти, тука се опфатени продуктите на осигурување, пензиските фондови, како и инвестициските фондови. За да се зголемат вложувањата, треба населението да се едуцира. Генерално, бидејќи нашите родители не нѐ научиле да вложуваме во акции и фондови, генерациите што се сега меѓу 20 и 50 години се меѓу првите на кои неминовно им се наметнува потребата да научат како да инвестираат во фондови, бидејќи на таков начин, долгорочно ќе имаат бенефиции од работењето на нивните заштедени пари. Едукацијата ја правиме на разни работилници каде што посетителите учат што значи акција, акциски фонд, зошто е сигурно инвестирањето во акциски фондови, кои ризици ги презема самиот клиент кога вложува во инвестициски фонд. Би напоменала дека граѓаните треба да се свесни дека инвестициските фондови се инструменти за подолгорочно остварување на финансиските цели. Не е инвестиција од денес за утре, во смисла денес ќе вложам и за еден месец ќе направам одредена сума – објаснува Станковска Арсова.
Таа дополнува дека кога се вложува во фонд, клиентот за возврат на своите пари купува удел во фондот и добива документ од друштвото што го управува фондот дека тој удел е негова сопственост.
– Според законот, тој удел е негов и никој не може да го располага во негово име. Најголем директен ризик што го презема клиентот е промена на цената на тој удел. Уделот се купува по одредена цена, која може да се зголемува или намалува, односно да заработува со зголемување на цената на уделот или да губи со намалување на цената на уделот, но тоа е краткорочниот ефект. Долгорочно, ефектите од ваквите вложувања во минатото се покажаа како исклучително профитабилни и долгорочно поконкурентни од другите вложувања со фиксни камати. Дополнително, и во случај друштвото што го управува фондот или депозитарната банка што ги чува имотите на фондот да се најдат во тешкотии, имотот на фондот е посебен имот, издвоен од нивните биланси и нема можност инвеститорот да го изгуби својот удел во фондот – потенцира Станковска Арсова.

Регулатива според светски стандарди

Регулативата што се користи во Македонија, според нашите соговорници, постојано се усогласува со европското законодавство и светските стандарди во оваа област, со што значајно се зголемува сигурноста на вложувањата во хартии од вредност и фондови.
– Клиентот го носи пазарниот ризик на инструментите што ги поседува фондот.
Дополнително, сите фондови имаат законски одредби за диверзификација. На пример, кај акциските фондови, портфолијата обично содржат акции од 30 до 50 компании за да се намали ризикот на поединечна компанија, а тоа го прави вложувањето посигурно – појаснува Костадиновски.
Во каков тип инвестиции едно лице треба да влезе, според нашите соговорници, зависи од повеќе фактори, во кои удел имаат возраста, фамилијарниот статус, вкупниот имот, месечните примања…
– Советот во што е најдобро да вложи еден клиент зависи од неговата возраст,
фамилијарниот статус, од севкупниот имот и на таа основа се прави план како да се распределат средствата. На пример, на клиентите им советуваме да користат животно осигурување поврзано со инвестициски фонд кога имаат помали деца и кога имаат кредити. Втор пример би било ако некој има сопствена фирма, која е етаблирана во својата област и од работењето генерира профити. Тогаш клиентот го советуваме да вложи дел од средствата во портфолио од акции, со цел да ги диверзифицира ризиците на сопствениот бизнис и да ги зголеми изворите на финансиски приходи во форма на дивиденди и капитални добивки – посочува Костадиновски.
Станковска Арсова додава дека износот на инвестициите зависи од финансиските можности на клиентот, според кои, тие ги советуваат клиентите кои се нивните најдобри опции, напоменувајќи дека плановите се приспособливи и лесно достапни за мали месечни износи, кои клиентот ќе ги вложува во фондот.