Ворен Бафет/Фото: Принт-скрин

Компанијата „Беркшир Хатавеј“ на Ворен Бафет (91) синоќа објави дека купува удел во произведувачот на компјутери и принтери „Хјуит Пакард“ преку зделка вредна 4,2 милијарди долари, што претставува последен знак дека милијардерот-инвеститор повторно наоѓа предизвици на американската берза. Ова е трета инвестиција вредна повеќе милијарди од страна на „Беркшир“ во последниот месец, по вложувањето од 11,6 милијарди во „Алегејни“ од осигурителниот сектор и аквизицијата на акции во нафтената компанија „Оксидентал Петролеум“ за над 7,5 милијарди долари.

„Пророкот од Омаха“ како што е познат Бафет во изминатите неколку години ги трупаше парите (неговото богатство моментно се проценува на 125,6 милијарди долари) одбивајќи бизнис-можности за инвестирање. Тој подолго време бараше голема зделка, но сметаше „дека сѐ е прескапо“.

„Малку нешта ни се возбудливи“ напиша Бафет во писмото до акционерите во февруари.

– Со години Бафет седеше на планина од пари, а дури и со рекордните вредности на акциите тој имаше потешкотии да пронајде зделки кои ги смета за примамливи. Сега, во ситуација кога многумина инвеститори продаваат, тој повторно купува – наведува „Си-ен-ен“.

Проширувањето на портфолиото на „Беркшир“ укажува дека Бафет верува во американската економија, дури и за време на воените дејствија во Украина што ги зголемуваат ризиците за побавен глобален економски раст, односно за висока инфлација.

Искусниот инвеститор кој досега презема повеќе од 200 компании, вели дека самата помисла за преземање на друга компанија прави неговото срце да „чука посилно“. Филозофијата за инвестирање на Бафет која се заснова врз купување и држење на акциите досега се покажа како една од најдобрите стратегии на сите времиња. А особено се исплатеше во минатата деценија, според „Форбс“.