Пандемијата покажа дека малите компании ќе треба што поскоро да го дигитализираат работењето за да бидат попродуктивни и поконкурентни, велат од Стопанската комора на Северна Македонија. За комората, примената на напредните технологии и дигитализацијата веќе не е прашање на избор, туку на опстанок.
Стратегиската трансформација на Стопанската комора на Северна Македонија за имплементација на концептот „Комора на иднината“, меѓу другото, има цел да одговори на потребите на бизнис-заедницата во дефинирањето иновативни решенија и да понуди експертиза во областа на дигитализацијата и користењето на современите напредни технологии за унапредување на работните процеси. Во рамките на таа трансформација е формиран и Советот за напредни технологии, кој ќе помага во насока на олеснување и забрзување на процесот на усвојување и примена на напредните технологии од страна на бизнис-секторот. Советот ќе обезбедува консултативни и советодавни мислења и предлози во интерес на поттикнувањето на техничко-технолошкиот развој на компаниите.
Како што беше речено вчера на прес-конференција, за полесна дигитализација на компаниите, Стопанската комора, преку Советот на напредни технологии, овој и наредниот месец ќе одржи четири бесплатни вебинари, а темите ќе бидат продажба, производство, градежништво и финансии.
Ова се и првите активности на новоформираниот совет, кои ќе почнат в четврток, на 24 февруари, со одржување на првиот вебинар. Вебинарите ќе бидат од отворен карактер, а целта е да се поттикне дигитализацијата на компаниите.

– Интернационалните компании што работат и во земјава ја имаат дигиталната агенда многу високо на својата приоритетна листа, но помалите компании што главно функционираат со локален, релативно ограничен капитал, треба да ги засилат своите активности во оваа насока – посочи претседателот на Советот на напредни технологии, Никола Љушев.
Според Зоран Јовановски од комората, постои потреба од добра координација на сите активности поврзани со дигитализацијата за ресурсите од економијата и помошта од државата за бизнис-секторот да извлече максимален ефект.
– За да биде тоа така, мора да има многу добра координација за дигитализација на македонската економија – истакна Јовановски.
Тој потсети дека Стопанската комора се трансформира, па покрај традиционалните активности, формира и совети што нудат обуки за вработените на компаниите по различни основи. Новите совети, потенцира Јовановски, не се дебатни клубови, туку механизми за конкретна помош на бизнис-секторот и нивната работа не е ограничена само на членките на комората, туку се однесува на сите заинтересирани компании.