Фото: Игор Бансколиев

Сточарското производство во Македонија замира. Планините се без добиток, ридско-планинските села се без жители, а во рамничарските жителите постепено се откажуваат од одгледувањето крави, овци, кози, дури и кокошки. Кога станува збор за менување на состојбите во сточарското производство, прогнозите за иднината се песимистички, тоа ќе претрпува тежок удар и ќе биде многу тешко да се врати во живот

Постепен и перманентен тренд на опаѓање на одгледувањето крави, овци, кози…

Во Балканскиот Регион и пошироко, Македонија е позната и признаена како производител на висококвалитетни земјоделски и сточарски производи, кои и на светските пазари станаа бренд и се препознатливи во големата конкуренција. Тука пред сѐ се мисли на традиционалното галичко овчо сирење, кашкавалот, шарпланинското јагне, прилепскиот тутун, преспанските јаболка, росоманските праски, разновидните вина и ракии, градинарските култури и други сточарски и земјоделски производи.
Дека ваквата слика била присутна од поодамнешни времиња, ќе потврдам со дел од репортажата „Петровден без свадба“, објавена во „Нова Македонија“, на 21 и 22 јули 2001 година: „Еден од потомците на прочуената трговска фамилија на Лазар Цубалевски ми го даде да го прочитам написот за галичките трговци објавен во белградска ‘Политика’ на 20 април 1931 година, како Лазар Цубалевиќ и Стамат Дукиќ, двајцата од Галичник, успеале да продадат 80 тони галички кашкавал на берзата во Њујорк, САД“.
За димензиите на оваа бизнис-зделка би навел само неколку податоци. За да се произведе еден килограм кашкавал, потребни се шест литри овчо млеко, а за 80-те тони кашкавал биле потрошени 480.000 литри овчо млеко, односно годишното производство на млеко на 7.165 овци. Според производството на овчо бело сирење и овчи кашкавал, лесно се пресметува колку овци тогаш се напасувале на планината Бистра – над 150.000, а денес едвај околу 3.000 овци.

На почетокот на деведесеттите години на минатиот век, кога Македонија стана самостојна држава, на македонските планини се напасуваа над 2.000.000, а денес бројката е намалена на околу 350.000 овци. Во триесетте години самостојна и независна држава Македонија, сѐ што се создаваше и негуваше како бренд во сточарското производство, речиси сѐ се уништи. Приватизацијата на општествениот капитал на сточарските задруги се изврши последна, на нетранспарентен начин, по ниски и нереални цени. Новите сопственици наместо да ги зголемуваат стадата овци, тие со продажба ги намалуваа, многу од сточарските задруги фиктивно ги прикажуваа државните резерви на овци, книговодствено беа евидентирани, а во бачила ги немаше. Државата не водеше грижа за сточарството и поради тоа секоја година наместо да се зголемува основното стадо, бројот се намалуваше. Стимулациите за оставено женско млеко и за продадено млеко не се користеа за вложување за зголемување на стадото, а субвенции добивале и сточари што пријавувале двојно и повеќе од фактичката состојба, а имало и такви што немале ниту една овца! Сопствениците на сточарските фарми постојано се жалеа за аномалиите, за проблемите со распределбата на летните и зимските пасишта, со задоцнување на исплатата на субвенциите и друго, а нивниот лелек завршуваше како глас во пустина.
А нивните проблеми не се мали. Тука е пред сѐ проблемот со кој се соочуваат сточарите што на пазарот на трудот нема никаква заинтересираност за професиите овчар и бач и за другите работни места во сточарските фарми. Годинава цената на сточната храна во споредба со лани е зголемена за 140 отсто, јачменот минатата година се продаваше по 8 денари за килограм, годинава за повеќе од 20 денари, горивото постојано е во пораст. Тоа се проблемите што влијаат да се намалува сточниот фонд, бидејќи сточарите со производството не можат да ги покријат трошоците, а за печалба не станува збор. Откупната цена на живо јагне пролетва беше пониска во споредба со претходните години, како и откупната цена на млекото. За ваквите состојби сточарите го вперуваат прстот во погрешните економски политики на владите и на надлежните министерства во сите изминати години. Проблемите во сточарството не ги решаваа, а тие се таложеа и дојде крајот, да се затвораат фармите. Во маркетите сѐ поретко можат да се најдат домашни млечни, месни и сувомесни производи, нивното место го заземаат увозните производи, а цените постојано се во пораст.

Лошите политики доведоа до згаснување на гостиварската индустриска кланица „Горни Полог“, најсовремена на Балканот, изградена во осумдесеттите години на минатиот век, со капацитет за дневно колење на над 10.000 јагниња и нивна обработка и линија за крупен добиток со годишен капацитет од 15.000 грла, погон за производство на над 20 производи на месни и сувомесни производи, погон за конзерви, сточно депо, кафилерија, кожарница, ладилник за чување 2.500 тони млечни и други производи.
„Горни Полог“ беше стожер за развојот на сточарските задруги во западниот дел на Македонија. Однапред им доделуваше бескаматни кредити, ги стимулираше опстанокот и развојот на задругите, а кредитот го враќаа со јагниња и со други млечни производи. „Горни Полог“ беше најголем преработувач на јагниња и извозник во членките на Европската Унија (Италија, Грција, Хрватска, Словенија и во други држави), со огромен извоз на јагниња и друг вид месо, месни и сувомесни производи и кожи. Но во 2018 година на овој гигант му беше ставен катанец. Објектите почнаа да се уриваат, на нивно место почнаа да се градат станбени згради и за четири години никна нова станбена населба.

А овој пример не е осамен. Сточарското производство во Македонија тоне во спиралата на кризата. Планините се без добиток, ридско-планинските села се без жители, а во рамничарските жителите постепено се откажуваат од одгледувањето крави, овци, кози, дури и кокошки. Жителите на горнополошките села, пред десетина години, не само што ги задоволуваа домашните потреби со млечни производи, месо и месни производи, туку вишокот го пласираа на пазарот. Сега сликата е сосема спротивна.
Кога станува збор за менување на состојбите во сточарското производство, прогнозите за иднината се песимистички, тоа е целосно уништено и тешко да се врати во живот. Цените на млечните производи ќе се зголемуваат, конкуренцијата веќе не постои, а увозните производи ќе бидат многу поскапи.