фото: Влада

Во Владата се одржа првиот отворен дијалог за новата методологија, која ќе понуди одржлив и континуиран раст на пензиите во иднина. Воедно, како што соопшти владиниот прес-центар, се очекува методологијата да ја одржи постигнатата стабилност на пензискиот фонд.

Анализите ќе овозможат да се дефинираат моделот и методологијата на покачување на пензиите, а процесот ќе се одвива преку отворен дијалог и меѓусебно разбирање на сите засегнати страни, исто како што се одвиваше и процесот врзан за покачување на минималната плата.
На средбата во Владата присуствуваа претставници од Сојузот на пензионерите и Партијата на пензионерите, како и заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, и министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска.

На средбата беше потенцирано значењето на социјалниот дијалог како форма преку која се решаваат сите клучни прашања во државата и во кој сите засегнати страни имаат право да го искажат својот став, да дадат сугестија и активно да учествуваат во носењето на одлуките.

– Ова значи придобивка за речиси 330.000 наши граѓани, пензионери. Создаваме методологија, систем според кој пензионерите ќе имаат сигурност, извесност и покачувањето на нивните пензии нема да зависи од нечија политичка волја или од тоа дали ќе има избори. Носиме решение на долг рок – истакна Битиќи.

– Нашите пензионери имаат право на достоинствена старост, пристоен и мирен живот во своите зрели години затоа што речиси целиот свој живот придонесувале за нашата држава и сега е моментот кога ние треба да им возвратиме за целиот нивен влог – рече министерката Тренчевска.

Таа се осврна и на досегашните политики на Владата на Северна Македонија, со кои пензионерите добиваат редовно законско усогласување на пензиите двапати во годината во согласност со растот на трошоците за живот и дополнително усогласување во случај доколку домашниот бруто-производ во претходната година има реален пораст повеќе од 4 %. Јануарските пензии оваа година беа зголемени 2,9 %, што е најголемо зголемување досега.

На средбата вицепремиерот Битиќи истакна дека грижата за пензионерите е еден од приоритетите на оваа Влада и затоа и во време на пандемија, покрај редовната исплата, пензиите се исплаќаат и предвремено во групи, со цел заштита од ширење на заразата од ковид-19.

Предлозите за креирање на новата методологија за континуиран раст на пензиите ќе бидат разгледани и дискусијата за ова прашање ќе продолжи во периодот што следува со цел да дојдеме до најиздржаното решение што ќе донесе одржлив раст на пензиите на долг рок.