Тимот за финансиска едукација на Народната банка во првото полугодие од 2022 година, преку едукативни презентации, подготовка на едукативни материјали и организација на натпревари, продолжи да работи на натамошно унапредување на финансиската писменост на населението. Од почетокот на годината се реализирани 32 предавања, со кои беа опфатени 1.594 ученици, како и 88 наставници и професори од основни и средни училишта.
За поголема вклученост на учениците од руралните средини, во март 2022 година, за време на одржувањето на Глобалната недела на пари, беше организиран карван во чии рамки беа опфатени осум училишта, 443 ученици и 35 наставници од руралните предели. Во текот на првата половина на 2022 година беа реализирани вкупно 15 предавања за училишта во руралните средини, со учество од 46,9 отсто во вкупните предавања.
Инаку, минатата, 2021 година, беше забележан рекорден број на слушатели на предавањата за финансиска едукација на Народната банка, со вкупно 102 предавања на кои биле присутни 6.351 слушател, меѓу кои ученици, студенти и професори, во 70 различни училишта. Поради пандемијата на ковид-19, предавањата на македонски и на албански јазик се одржуваа преку интернет.