Најавуваните примени со воведување различни тарифи за домаќинствата во зависност од потрошувачката на електрична енергија се воведуваат од 1 јули. Ова вчера од собраниската говорница го најави премиерот Димитар Ковачевски, објаснувајќи ги мерките за намалување на последиците од енергетската криза.
– Се прават калкулации за воведување нова методологија, за утврдување на цената на електричната енергија за домаќинствата и малите потрошувачи, кои се на регулираниот пазар на електрична енергија, што се менува од 1 јули, со тоа што ефектите ќе бидат дополнително утврдени – нагласи Ковачевски.
Премиерот сепак не објасни до колку киловати ќе значи плаќање по пониската тарифа, туку дека со оваа методологија се оневозможува злоупотреба на електричната енергија.
– Оние што ги злоупотребиле броилата за домаќинствата за вршење некакви активности или злоупотреба на електричната енергија на пример, за копање криптовалути, ќе плаќаат повисока цена во согласност со потрошувачката и со тоа енергијата што ја добиваат нема да може да биде субвенционирана од државата или да биде дел од пресметката од цената што ја плаќаат сите граѓани – објасни Ковачевски.

Во делот на програмата за енергетска сиромаштија, Ковачевски додаде дека граѓаните со ниски примања продолжуваат да добиваат меѓу 600 и 800 денари месечно за покривање на трошоците за електрична енергија. Пензионерите, пак, ќе добијат ново зголемување на пензиите во септември.
Наедно, Регулаторната комисија за енергетика одржа работен состанок со професори од Машинскиот факултет и Факултетот за електротехника и информациски технологии, кои со својата експертиза ќе се вклучат во изработка на новиот тарифен систем за електрична енергија, за воведување блок тарифи. Професорите ќе учествуваат и во анализата потребна за утврдување на опсегот на просечната потрошувачка во одделни блок тарифи. Целта на реформата на тарифниот систем за електрична енергија е да овозможи фер цена за сите потрошувачи и во исто време да поттикне рационално користење на електричната енергија.

– Анализите и податоците што ќе ги добиеме ќе бидат основа за реформата да биде правична и ќе гарантираат заштита на потрошувачите што рационално користат електрична енергија. Веќе споделивме дека првичните податоци од анализите што ги имаме укажуваат на тоа дека има неекономично трошење електрична енергија во време на енергетска криза од мал број потрошувачи. Па, така, освен што имаме греење на надворешни и внатрешни базени, податоците покажуваат дека 17 домаќинства на годишно ниво трошат 10 отсто од годишната потрошувачка на електричната енергија на домаќинствата. Во оваа реформа посебен акцент ќе се стави на редовното читање на броилата на потрошувачите за потрошувачите да бидат соодветно распределени во блок тарифите. Новиот модел, кој ќе биде изработен и врз база на искуствата од другите земји каде што се користи, ќе биде димензиониран максимално да ги заштити потрошувачите со просечна потрошувачка – за нив ќе биде обезбедена пониска цена во однос на другите тарифи. Потрошувачите што користат енормно поголеми количества електрична енергија ќе плаќаат реална цена – појасни Марко Бислимоски, претседател на РКЕ.