Илон Маск/Фото: Принт-скрин

Илон Маск истакна дека новите фабрики на неговата компанија „Тесла“ во Германија и во американската сојузна држава Тексас губат милијарди долари додека произведувачот на електрични возила се обидува да го засили производството, наведува „Блумберг“.

– Фабриките во Берлин и во Остин сега се џиновски печки за горење пари – вели Маск во онлајн интервју објавено вчера.

Кометарите на Маск се дел од дискусијата снимена на 31 мај, што нуди увид во активностите на „Тесла“ пред одлуката на милијардерот да ги скрати трошоците со отпуштање на вработени.

Градењето на нови фабрики на различни локации низ светот стана приоритет за „Тесла“ во изминатите неколку години, во обид за поевтинување на дистрибуцијата на автомобили. Компанијата има потешкотии со функционирањето на фабриките во Остин и во Берлин, делумно и поради карантинот поради ковид-19 во кинески Шангај, каде што се наоѓа една од нејзините фабрики, што се одразува и врз вредноста на нејзините акции.