Фото: Архива

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) подготви Национален план за производство на храна, чија основна цел е зголемена поддршка на поледелски култури.

Како што соопшти денеска министерот за земјоделство Љупчо Николовски, со Националниот план кој ќе биде доставен до Владата, се предвидува измена на програмата за Интервентниот фонд, односно се зголемува поддршката за набавка на вештачки ѓубрива. Но, се подготвува и нов модел за исплата на поддршката, која ќе биде на неделна основа.

– Поддршката за еден хектар пченица ќе изнесува 4.000 денари ако е минимум употребено 200 килограми ѓубриво по хектар или околу 40 проценти од потребното ѓубриво ќе субвенцинира државата. За оваа субвенција може да аплицираат сите регистрирани земјоделски стопанства кои во производната 2021/2022 година имаат засеани површини со пченица и набавено вештачки ѓубрива за прихрана на посевите во период од 1 декември 2021 до 31 мај 2022 година. Исплатата ќе се врши на неделна основа. На пример, од понеделник до петок до 12 часот ќе се вршат прибирања на барањата во подрачните единици на МЗШВ, истиот ден се праќаат до Платежната агенција, таму се обработуваат од понеделник до среда, во четврток се носат во трезорот во Министерството за финансии, во петокот се исплаќаат, а секоја сабота Министерството ќе информира за исплатите од претходната недела-информира Николовски.

Според него, за зголемување на прозводството и приносите на пченица ќе се воведат и измени во Програмата за финансиска поддршка на земјоделството. Со измените ќе бидат опфатени 6.000 производители.

– Сите земјоделци што ќе остварат минимум 4.000 килограми принос по хектар пченица, ќе добијат дополнителна субвенција од 5 760 денари по хектар. Со овие измени овозможуваме дополнителна мотивација за зголемен принос на пченица, односно околу 6000 производители на пченица кои имаат повеќе од еден хектар, имаат можност да добијат по околу 6.000 денари по хектар дополнителни денари доколку имаат принос над 4.000 килограми. Со мерката би биле опфатени 6 000 производители со над 22 000 хектари пченица-напомена Николовски.

Ова се, дополни, само дел од мерките предвидени со Националниот план. Ќе има и нови мерки во Програмата за рурален развој, наменски огласи за доделување земјоделско земјиште за поледелски култури, предвремено и навремно пуштање на системите за наводнување, нови законски измени кои се изготвени, носење стратегија за производство на храна во 2022 година,…

– МЗШВ ја следи состојбата со производство на пченица. Земјоделците нема да бидат оставени сами. Покажуваме одговорен пристап, остануваме во постојана комуникација со сите здруженија, со науката, со коморите и доколку има потреба, дополнително ќе вршиме интервенции за да го обезбедиме домашното производство на храна-подвлече министерот.