Фото: Игор Бансколиев / Архива

Намалувањето на средствата што од Солидарниот фонд се исплаќаа за посмртнина од 30 на 25 илјади е привремено, а петте илјади дополнително ќе се исплатат од јулската пензија, по редослед на поднесените барања и во зависност од расположивите средства. Намалувањето и успорувањето на динаминката на исплата, велат од Одборот на Регистрирана организација за солидарен фонд и членарина, се резултат на поголемиот број починати лица.

-Обемот на средствата во Солидарниот фонд зависи од акумилраните средства и бројот на починати корисници на пензија. Имено, до пандемијата умираа околу 1.200 корисници на пензија просечно месечно, а сега за време на пандемијата над 1.800 корисници на пензија. Со тоа се зголеми бројот на примателите на посмртна помош и времето на чекање на исплата на отпремнината. Со цел да се помогне на примателите и да се намали бројот на времето на чекање, Одборот донесе времена одлука да им помогне на семејствата и да им се исплати најголем дел од отпремината од 25.000 денари, а 5.000 денари, дополнително ќе започнат да се исплатуваат со исплатата на јулската пензија, по редослед на поднесените барања и во зависност од расположивите средства – се вели во денешното соопштение од Одборот.

Според тоа, велат од Одборот, не е вистина дека е намалена посмртната помош од 30.000 денари на 25.000 денари трајно, што непотребно создаде немир и забуна меѓу пензионерите, пренесува МИА.

Појаснуваат дека средствата за Солидарен фонд се обезбедуваат од корисниците на пензија од врз основа на нивна согласност. Тие средства се уплатуваат на посебна под сметка во рамките на трезорската сметка и наменски се користат само за исплата на посмртната помош.

Во соопштението се додава дека за сите прашања од Солидарниот фонд, одлучува Одборот на Регистрираната организација составен од пензионери од четирите сојузи во нашата држава.

Намалувањето на висината на посмртната помош на 25.000 денари е извршено со Одлука на Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија, информираат од Министерството за труд и социјална политика. Ова појаснување, како што наведуваат од МТСП, е по дезинформациите дека намалувањето на висината на посмртната помош е направено за да може со тие средства да се покачат пензиите.
Посочуваат дека начинот на финансирање, начинот на распределба на средствата со кои располагаат здруженијата на пензионери се уредува со акти кои се донесени од органите на Сојузот на здруженијата на пензионерите и не се никаква одлука на Владата или пак Владата влијаела на ова.

– Министерството за труд и социјална политика нема надлежност во однос на условите за членување во здружение на пензионери, финансирање, начинот на распределба на средствата и контрола во финансиското работење на здруженијата на пензионери. Пензиите се покачени како што беше објавено од Буџет со кој располага ПИОМ без кратење од други ставки од било каде во буџетот на државата – се вели во соопштението од МТСП.