Фото: Фликр

Гранпри-трката на Формула 1 во Абу Даби вообичаено привлекува филмски ѕвезди, славни спортисти и голем број на познати личности од различни сфери, а минатиот месец меѓу нив беше и поранешниот вработен во „Мекдоналдс“ кој стана развивач на софтвер и прекуноќ влезе во друштвото на најбогатите, криптопионерот Чангпенг Жао, пишува „Блумберг“.

Си-Зи (ЦЗ) како што е познат во криптозаедницата, бргу стана познато лице во Обединетите Арапски Емирати, среќавајќи се и со властите во Абу Даби кои сакаат да ја воведат неговата размена на дигитални валути во државата, според упатените во ситуацијата. Тој организира свечени вечери во близина највисоката светска зграда „Бурж Калифа“, позиционирајќи се како најпретставителна личност на криптосцената во ОАЕ, која е во подем.

Четириесет и четиригодишниот Жао поседува богатство кое се проценува на 96 милијарди долари, според индексот на милијардери на „Блумберг“, со што се смета дека неговиот капитал би можел да биде значително поголем, бидејќи не ги вклучува неговите лични криптопоседи, односно дигиталните валути на неговата компанија „Би-ен-би“.

Богатството на Чангпенг Жао се проценува на 96 милијарди долари

Патешествието на Жао до криптобогатството почнало во Шангај, Кина, во 2013 година за време на пријателска партија покер со тогашниот извршен директор на „Би-ти-си Чајна“ Боби Ли и инвеститорот Рон Као, кои го охрабриле да вложи 10 отсто од неговото богатсто во сегашната најпопуларна светска криптовалута биткоин.

По извесно разгледување на ваквата можност, тој решил да инвестира, продавајќи го и неговиот стан за биткоин. Во 2017 година ја основал компанијата „Бајненс“ која брзо прераснала во моќен играч на криптосцената. А „Волстрит џурнал“ во ноември минатата година извести дека компанијата би можела да вреди и до 300 милијарди долари, повикувајќи се на мислењата на поранешни вработени.

Се смета дека Жао би можел да стане побогат и од моментно најбогатитот човек на светот, Илон Маск, доколку неговата компанија продолжи да се развива, заклучува „Блумберг“.