Во кризи, владата секогаш треба да троши, за да ја поддржува економијата, тоа е основно правило на фискалната политика. Но непродуктивните трошоци од буџетот секогаш треба да се кратат, но тоа треба да се однесува на купување нови автомобили и луксузирање на функционерите, велат економските експерти

КАКО ДА СЕ МЕНАЏИРААТ ЈАВНИТЕ ФИНАНСИИ ВО ИНТЕРЕС НА ГРАЃАНИТЕ И НА СТОПАНСТВОТО

Владата подготвува ребаланс на буџетот, со кој дополнително ќе се скратат уште 100 милиони евра непродуктивни трошоци. Ова е дополнително на кратењето од 8 отсто на тековните расходи минатата година и дополнителните мерки што се направија од Владата за ограничување на трошоците.
– Со кратење на непродуктивните трошоци и заштедите се отвора можност за нови мерки за граѓаните и компаниите за амортизирање на ударот од светската економска криза. Веќе се реализира пакет мерки во вредност од 400 милиони евра за заштита на стандардот на граѓаните и одржување на ликвидноста на компаниите – велат од Владата.
Оттаму споменуваат дека веќе се реализира пакет мерки во вредност од 400 милиони евра за заштита на стандардот на граѓаните и одржување на ликвидноста на компаниите.
Но прашањата што се наметнуваат во јавноста се на кој начин ќе се обезбедат сите тие ветени пари, зошто во ек на економска криза воопшто се планирале непродуктивни трошоци и кои се тие трошоци што би се скратиле, како квалитетно да се менаџираат јавните финансии, за да не страдаат населението и бизнисот.
Според Бранимир Јовановиќ, истражувач во Виенскиот институт за меѓународни економски студии, кога е во прашање фискалната политика, во наредниот период ќе биде клучно Владата да продолжи со стимулативната фискална политика, додавајќи дека не смее да премине на модус на штедење, односно на кратење на сите буџетски трошоци, зашто тоа дополнително ќе ја закопа економијата.
– Во кризи, владата секогаш треба да троши, за да ја поддржува економијата, тоа е основното правило на фискалната политика. Се разбира, непродуктивните трошоци секогаш треба да се кратат, но тоа се однесува на купување нови автомобили и луксузирање на функционерите, а не на кратење на платите на учителките или помали вложувања во здравството. Прашањето што неминовно ќе се постави, дали сега, дали по некое време, е од каде ќе се најдат парите за сите овие работи. Одговорот треба да е – од повисоки даноци на богатите и екстрапрофитабилните компании. Сметам дека мора да се врати прогресивниот данок – укажува Јовановиќ
Економскиот аналитичар Здравко Савески вели дека кога се зборува за кратење на непродуктивните трошоци, последното нешто на што треба да се крати се платите на вработените и вложувањето во руинираното јавно здравство.

– Мерките сигурно треба да вклучат прераспределба на вработените од работните позиции каде што има реален вишок кон оние каде што има сериозен недостиг. Сметам дека многу успешно се создаде фама во јавноста дека во јавната администрација имало премногу вработени. Но тоа е само делумно точно. Додека во некои сектори има прекумерна вработеност, во други има сериозен недостиг од вработени. Токму јавното здравство е еден од таквите примери – потенцира Савески.
Што се однесува до приходната страна, тој нагласува дека треба да се имаат предвид сериозноста на кризата и огромното задолжување до кое се дојде во овој период.
– Во тој контекст, наместо постојано да се бараат пари преку огромно задолжување, крајно време е да дојде до промена на привилегираниот третман. Во 2019 година оваа власт ја одложи примената на прогресивниот данок на приход за три години. Тоа не смее да се дозволи да потоне во заборав. Треба да се воведе и прогресивен данок на добивка, како и конечно да се тргне привилегијата на едниот процент најбогати да плаќаат придонеси од плата на мал дел од својата плата, за разлика од другите граѓани, кои плаќаат придонеси на целиот износ од своите плати – вели Савески.
Тој додава дека ако продолжи досегашната политика, нема да може да се обезбедат доволно финансиски средства за закрепнување на економијата, спречување масовна епидемија на сиромаштија во земјата и уште поголемо тонење во задолженост, со сите негативни ефекти по животниот стандард што ќе го донесе тоа.