Фото: Маја Јаневска-Илиева

ИНИЦИЈАТИВА ЗА ЕДИНСТВЕНА РАБОТНА ДОЗВОЛА ЗА ЗЕМЈИТЕ ОД РЕГИОНОТ

Со иницијативата „Отворен Балкан“ се создава можност жителите на Македонија, Србија и на Албанија да бараат работа во некоја од соседните земји. Дали тоа ќе поттикне поголем број граѓани да бараат работа во соседството или и понатаму ќе остане тенденцијата за барање работа во поразвиените европски земји, каде што стандардот и платите се доста повисоки? Аналитичарите даваат интересни согледувања и коментари

Се отвораат ли „вратите“ на соседните Албанија и Србија за македонските работници? Ќе се почувствуваат ли поголем проток и движење кај граѓаните на Македонија и двата соседа што се дел од „Отворен Балкан“ и ќе има ли поголеми можности за вработување во компании во соседството? Ваквите прашања се наметнуваат по најавите на надлежните дека во согласност со плановите од проектот „Отворен Балкан“, веќе од идната година ќе започне да функционира единствената работна дозвола. Со потпишување на договорите во рамките на оваа иницијатива се создаваат предуслови за слободен пристап до пазарот на трудот на Западен Балкан. Со овие договори е предвидено да се овозможи воведување единствена работна дозвола за граѓаните на Македонија, Србија и на Албанија.

Какви ќе бидат придобивките од иницијативата и дали ќе поттикне поголем проток на граѓани меѓу трите земји-членки, ќе видиме идната година. Ова е можност граѓаните да бараат работа надвор од земјата во која живеат, а не многу далеку од дома. Дали тоа ќе поттикне поголем број граѓани да бараат работа во соседството и понатаму е енигма, особено ако се знае дека најголем дел жители од Балканот вообичаено се упатуваат на работа или преселба во поразвиените европски земји, каде што стандардот и платите се многу повисоки.

Упатените укажуваат дека идејата е позитивна и дека очекуваат позитивни ефекти како врз бизнисите, така и врз граѓаните. Сепак, во поглед на недостигот од стручни работници стравуваат дека и понатаму ќе се чувствува недостиг во одредени дејности, а дополнително посочуваат дека младите и понатаму ќе преферираат да работат во Европа наместо на Балканот.
– Секоја поголема флуктуација на работниците по правило се смета добра за бизнисот. Се разбира дека земјите што влегуваат во проектот „Отворен Балкан“ имаат слично ниво на развиеност и нема многу разлики во состојбите на пазарот на трудот. Но се појавуваат одредени случаи кога работници од една држава можат да заминат на работа во друга, како на пример сезонски работници за берење на јаболката во Ресенско, но и друг тип сезонски работници од Албанија што се ангажираат кај нас. Во секој случај, сегашните состојби во Македонија бараат итна либерализација на вработувањето работници од странство – укажува претседателот на собранието на Организација на работодавци на Македонија (ОРМ), Ангел Димитров.

Тој посочува дека, според него, новините нема да овозможат веднаш услови за намалување на јазот меѓу понудата и побарувачката на работна сила.
– Проблемот е ист во сите земји од Балканот. Младите го гледаат стандардот во развиените европски држави и го споредуваат со состојбите во својата држава. Поради тоа се определуваат да заминат во некоја од земјите од Западна Европа. Во секој случај, иницијативата е добра и ќе придонесе за легализација на некои појави кај нас, каде што работници од соседството работат на црно. За поголеми резултати во областа на трудот се потребни поголеми реформи во образованието, но истовремено и промена на стопанската структура во земјата. Секако, ова е процес и ќе трае подолго. Најважно е владите да обезбедат консензус помеѓу сите политички партии и заинтересирани страни дека таков процес е неминовен – дополнува Димитров.

Првиот човек на агенцијата за привремени вработувања „Партнер“, Раде Ненадиќ, вели дека работниците што заминуваат во странство и понатаму ќе тежнеат да работат во развиените европски земји наместо во соседството.
– Сметам дека лицата што заминуваат на работа во странство пред сѐ ќе тежнеат кон работа во европските земји наместо во земјите во соседството, што, секако, се должи на висината на платите. Лично сметам дека идејата за „Отворен Балкан“ е супер и заслужува поддршка, генерално олеснувањето на протокот на луѓе и капитал би требало да резултира со поголемо раздвижување и поголем обрт на финансии. Сепак, колку Македонија ќе има бенефиција од идејата е тешко да се каже, барем кога зборуваме за поголеми флуктуации на граѓаните во насока на наоѓање подобра работа. Реално, во соседна Србија има повисоки плати, така што очекувам македонските работници да одат во Србија, отколку од таму да доаѓаат кај нас. Дополнително, сега во Србија има многу бенефиции за работниците, многу поволности, така што дејствува попримамливо како земја. Како ќе се развиваат работите, ќе видиме, но пак ќе кажам, идејата за полесен и побрз проток на стока и услуги, а наедно и на работници може да биде од голема бенефиција за земјите – укажува Ненадиќ.

Според него, рано е да се каже дали отворањето на границите ќе донесе поголема заработка за компаниите што би соработувале со соседството, а оттаму и поголеми плати за работниците.

Ако да речеме имаат зголемен обрт компаниите поради полесниот проток на стока и услуги, прашање е колку ќе се зголеми заработката на компаниите и колку од неа ќе споделат со работниците. Деновиве сме сведоци на опструкциите поради најавата да се зголеми минималецот на 300 евра. Под знак прашалник, според работодавците, е опстојувањето на компаниите поради зголемување на минималецот. Затоа велам и да имаат зголемен обрт, прашање е дали и колку пари ќе имаат за повисоки плати – објаснува Ненадиќ.

Тој исто така се осврна и на слабата практична примена на одредби и измени што се воведуваат, а кои ги кочат можностите за поголем проток на стоки, услуги и граѓани, како и на скептицизмот што се шири при секоја новина. За поголем ефект од оваа иницијатива, според него, потребно е следење на ефектите, но и дополнителни промени за доследно спроведување.
– Голем број идеи и новини кај нас не се прифаќаат со воодушевување. Напротив, секогаш имаме опструкции за реализација. Идејата е добра и потребно е да се спроведува, но ќе напоменам дека ќе бидат потребни и понатамошно следење и проверка колку замислените цели се реализираат и во колкава мера, за да може да се утврди каков е ефектот, да се знае дали ги постигнува саканите цели, каде заглавил, што може да се подобри. За жал ,кај нас се случува при воведување новини честопати да остануваат само на хартија, не се спроведуваат и не се проверува дали се спроведуваат, или каде може и треба да се подобри реализацијата. Како пример ќе го истакнам случајот со границата со Србија, каде што беше воспоставен нов проект со кој требаше да се забрза протокот на стока меѓу двете земји, но искуството вели дека и понатаму се чека со часови. Затоа велам дека идејата е добра, но треба да се прават анализи што се спроведува и со каков ефект, да се утврди каде може да се коригира и што може да се направи за нештата да функционираат како што е замислено – објаснува Ненадиќ.