Фото: Игор Бансколиев

Иако само1.874 компании, или 3,2 отсто од вкупниот број на компании во земјава, се во странска сопственост, сепак, тие вработиле дури 20,1 отсто од вкупно работно ангажираните граѓани во земјава, укажува анализата на ДЗС. Економистите велат дека вложувањата на странските компании имаат голема бенефиција за домашната економија, но додаваат дека преку нив полесно се пренесуваат и ефектите од светските кризи, што носи и дополнителни ризици

КОЛКАВИ СЕ ВЛИЈАНИЕТО И ЕФЕКТИТЕ НА СТРАНСКИТЕ КОМПАНИИ ВРЗ ДОМАШНАТА ЕКОНОМИЈА

Процентуалното учество на компаниите контролирани од странство во вкупниот број на компании во земјава опфаќа само 3,2 проценти, но, сепак, истите тие ангажираат дури 20 проценти од вкупно вработените граѓани во земјава. Исто така компаниите странски филијали реализирале 39,2 отсто од вкупниот промет и 34,3 проценти од вкупната бруто-додадена вредност. Овие податоци ги објави Државниот завод за статистика и притоа укажува дека иако процентуалното учеството на странските компании е мало, сепак, влијанието во економијата е значително.
– Странска филијала претставува домашно претпријатие контролирано од нерезидентна (странска) институционална единица. Во 2019 година, 1.874, односно 3,2 отсто од вкупниот број активни претпријатија (58.765) во рамките на нефинансискиот деловен сектор, биле странски филијали – домашни претпријатија контролирани од странство. Тие ангажирале 20,1 проценти од вкупно вработените, реализирале 39,2 отсто од вкупниот промет, односно 34,3 процент од вкупната бруто-додадена вредност во набљудуваниот опфат, што укажува на нивното значително влијание врз домашната економија – наведува ДЗС во својата анализа.
Најголемиот број компании со странски капитал се во секторот трговија на големо и мало и поправка на моторни возила (31,5 отсто). Додека најголемиот дел вработени, и тоа над 80 отсто од ангажираните во странски компании, се во секторите преработувачка индустрија (57,5 отсто), трговија на големо и мало (14 отсто) и информации и комуникации (8,3 отсто). Анализата покажува дека најголем придонес на странските филијали во додадената вредност имал секторот индустрија, со 57 отсто, потоа информации и комуникации со 15,1 процент учество и трговијата на големо и мало и поправка на возила со 14,3 отсто.

Ова неминовно го наметнува прашањето дали ваквите податоци упатуваат на голем ризик-фактор за домашната економија или, напротив, поврзаноста со странските компании носи поголем економски просперитет за земјава.
Домашните економски експерти укажуваат дека странските инвестиции играат голема улога во подобрувањето на животниот стандард на граѓаните на мали земји како Македонија, но сепак додаваат дека не значат многукратно подобрување на животниот стандард на сите граѓани.
– Странските инвестиции играат значајна улога во подигнување на економскиот раст, особено за мали и отворени земји, како што е Северна Македонија. На пример, странските инвестиции имаат позитивен импакт врз вработеноста, секторската и извозната диверзификација, воведувањето напредна технологија, зголемувањето на конкурентноста и креирањето човечки капитал. Дополнително, во текот на заздравувањето од пандемијата, позитивните шокови од надвор, преку нив, лесно се пренесуваат врз домашната економија. Сепак, постојат и ризици во поглед на поткопување на домашните инвестиции. На пример, странските и домашните компании „се натпреваруваат“ околу ограничената понуда на работна сила, каде што странските можат да понудат подобри услови и да привлечат поголем процент од работната сила. Понатаму, ранливоста на домашната економија на системски ризици е поголема како што се зголемува учеството на странските инвестиции. Најчесто, негативните шокови во ЕУ имаат силно влијание врз домашната економија. Конечно, додадената вредност на странските инвестиции за домашната економија може да бидe минималнa доколку странските и домашните компании не успеваат да се поврзат – објаснува Бојан Србиновски, виш економски аналитичар при институт за економски истражувања и политики „Фајненс тинк“.

Податоците објавени од ДЗС покажуваат дека странските филијали во Македонија се контролирани главно од сопственици регистрирани во европските земји, дури 78,9 проценти.
– Земјите-членки на ЕУ контролираат 59,1 отсто од странските филијали, во кои се ангажирани 70,8 проценти од вработените, и учествуваат со 76 отсто во додадената вредност. Економски најважните странски филијали се под контрола на Австрија (15,7 отсто), Холандија (15,3 отсто), Обединетото Кралство (10,1 отсто), Германија (8,9 отсто ) и Унгарија(5,9 отсто ). Нивното учество во вкупната додадена вредност на домашната економија изнесува 19,2 проценти, што значи дека вкупната додадена вредност е во таа мера под контрола на претпријатијата со мнозински странски капитал – пишува во анализата на ДЗС.
Универзитетскиот професор Здравко Савески укажува дека иако со влегувањето на странските компании има зголемена ангажираност на работната сила, сепак, значително подобрување на животниот стандард на граѓаните изостанува.
– Високиот удел на странскиот капитал ја покажува целата плиткост на тврдењето што постојано се вергла 30 години дека просперитетот на нашата земја е врзан за привлекувањето странски инвестиции. Достигнавме високо ниво на учество на странскиот капитал, а просперитетот никаде го нема. Овие инвестиции го ублажија проблемот со невработеноста, но, спротивно на пропагандата што ги придружува странските инвестиции, ангажирањето работници во овие фирми покажува ниско ниво на плати, како и прекршување и изигрување на работничките права. Високиот удел на странскиот капитал ја покажува и зголемената интегрираност на нашата економија во светската економија. Тоа, во услови на дерегулација на пазарите, е сериозен ризик-фактор за полесно прелевање на кризата на светските пазари кај нас, во споредба со светската финансиска криза од 2008 година, која не ја погоди посериозно македонската економија токму поради тогашната ниска интегрираност во светската економија. Во сегашната состојба, појава на криза во богатите земји може да значи дека странските фирми што работат и во Македонија може да ги намалат нарачките, а тоа да се одрази негативно по платите и вработувањето во овие фирми – објаснува Савески.