Граѓаните да не стравуваат и да не креваат паника, зашто стопанствениците ќе обезбедат доволно пченица и брашно, вели за МИА претседателот на Групацијата за мелничко-пекарска индустрија во Стопанската комора на Македонија, Горан Малишиќ.

Според Малишиќ, санкциите кон Русија од македонска страна би биле катастрофални ако ние како држава не би имале други пазари за суровини, како што се Србија, Унгарија, Романија и Бугарија.

– Не треба да се дига паника кај населението до тој степен, луѓето треба да бидат сигурни дека нашите стопанственици ќе обезбедат доволни количини на пченица и брашно за потребите на граѓаните, а исто ги уверувам и дека Владата ќе најде начин да ги заштити – дециден е Малишиќ.

Во врска со цените, додава, новата Одлука на Владата создава поволна клима и сигурност, како за стабилност на индустријата, така и заштита од преголемо покачување или несоодветно изнудено поскапување на брашното и лебот.

– Според денешните покачувања на цените, се гледа дека покачувањата се соодветни и различни, со што се потврдува функционалноста на Одлуката за заштита на населението. Би апелирал до граѓаните, да не создаваат паника околу зголемувањето на цената на лебот, зашто зголемениот трошок за набавка на леб за едно семејство на месечно ниво е најмал во споредба со зголемувањето на цените како трошокот на енергенсите, елелектричната енергија, цигарите и сите други производи кои се зголемија вртоглаво во последниот месец. Целта на Одлуката е да се зачува и домашното производство, како не би се соочиле со затварање на домашните производни капацитети, од кои некои веќе и најавија затворање, со што ќе се соочевме како држава со недостиг од 160.000 парчиња леб на пазарот – објаснува Малишиќ.

Тој информира и дека од петокот до 13 часот денеска, цената на пченицата на светските берзи се зголеми за 24 отсто.

– Тоа е поради изјавата на Кина дека ги симнува сите бариери кон руската пченица и даде наредба да се зголемат нивните залихи со пченица, а втората причина е дека Црноморската продажба не фунционира со што создава паника за купувачите во светот. Во опкружувањето или конкретно во Србија, цената на пченицата се зголеми од понеделникот до денеска за 14 отсто. Сите овие зголемувања на пченицата, ако останат и продолжат, ќе придонесат за нови корекции на цените секаде во светот, како и кај нас. Голем проблем е што во исто време се зголемуваат континуирано и нафтата, природниот гас, како и електричната енергија и сите заедно се поскапени за 30 отсто од средата, со почетокот на инвазијата, до денес – нагласува Малишиќ.

Залихите на пченица и брашно кај правните лица (компаниите), нагласува, се за 30 до 45 дена.

-Но, како што напоменав, нашите стопанственици се секогаш во состојба да набават дополнителни количини за потребите на индустријата како и населението, потенцира претседателот на Групацијата.

За новиот род, Малишиќ апелира до Владата и Министерството за земјоделство да донесат дополнителни стимулативни мерки за земјоделците и преработувачите за да се насеат за идната сеидба сите површини со пченица кои не се обработуваат, како и да интервенираат со дополнителни субвенции кон земјоделците за зголемените цени на азотните и фосфорни ѓубрива, кои се неопходни за коректен принос и квалитет на пченицата.

– Цената на пченицата за идната жетва ќе биде соодветна според пазарните услови на понудата и побарувачката во опкружувањето за времето на жетвата – истакнува Малишиќ.