Фото: Архива

Владата го прифати усогласениот текст на меморандумот за разбирање за развој на железничко поврзување помеѓу Македонија и Бугарија „Скопје-Софија“. Меморандумот, претставен од министерствата за транспорт и врски на двете земји, се очекува да биде потпишан за време на заедничката седница на двете Влади, која ќе се одржи утре во Софија.

– Со документот се изразува согласност за формирање на заедничка работна група составена од експерти со соодветен професионален капацитет и експертиза во области како што се управување со проекти, европско и меѓународно право, инженерство и управување со финансии, со цел да се забрза процесот на подготвителните и имплементационите активности за проектот. Меморандумот е подготвен имајќи го предвид развојот на добрососедските односи меѓу двете земји, како и потребата од зајакнување на економските и трговските активности и ја истакнува заедничката цел за развој на „Проектот за железничко поврзување Скопје-Софија“, кој е од заеднички и регионален интерес и има значително стратешко и економско значење за граѓаните и економиите на двете држави – соопшти владината прес-служба.

Согласно меморандумот, работната група ќе се состанува најмалку четири пати годишно на експертско ниво за да работи на напредокот на спроведувањето на проектот.