Директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Љупчо Јаневски и претседателот на Унијата за Туризам на Косово, Баки Хоти, денеска потпишаа Меморандум за соработка меѓу двете земји, во насока за развој и промоција на туризмот преку заеднички активности и туристички понуди, соопшти АППТ.

– Целта на овој Меморандум е зголемување на соработката меѓу Северна Македонија и Косово, со цел заеднички развој на туристичкиот сектор и нови инвестиции во туризмот. Двете страни се согласни за координација и соработка на меѓусебните активности поврзани со промоција и поттикнување на туристичките групи да ги посетат двете земји, со цел зголемување на туризмот. Тоа што е особено важно за развој на регионот е соработка и имплементирање на заеднички проекти, со што дестинациите ќе стане поконкурентни на пазарот и нивната видливост на туристичката мапа ќе се зголеми со атрактивни понуди – изјави директорот на АППТ, Јаневски.

Како што се наведува во соопштението Јаневски заедно со претставници на институцијата е во еднодневна посета на интернационалниот туристички саем во Приштина.

„Kosovo International Tourism Fair”- (KITF) се организира прв пат и има цел да ги поврзе регионалните туристички работници и бизнис секторот. Саемот е во организација на туристичката асоцијација „Унија за Туризам на Косово” со која Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот има воспоставено соработка за размена на заеднички искуства кои се од интерес за развој на туризмот.

– Приштина денеска и утре е домаќин на настанот, посветен на туризмот, на кој регионалните земји ги презентираат своите туристички потенцијали и можности за туристичка размена и инвестиции во овој сектор. Се отвораат нови можности за зголемување на бројот на туристи, креирање мрежа на бизнис контакти и предиспозиции за зголемување на економската соработка на регионот – соопштија од АППТ.