Конкуренцијата во јавните набавки во второто полугодие од 2018 година е влошена во однос на првото полугодие. Гледано на годишно ниво, во дури 32 проценти од мониторираните тендери е добиена само една понуда, пишува во извештајот од мониторингот на јавните набавки во земјата за периодот јули-декември 2018 година

Високи 48 проценти од фирмите сметаат дека „секогаш“ или „често“ има корупција во јавните набавки, во дури 32 проценти од мониторираните тендери е добиена само една понуда, а продолжува да расте и бројот на тендери што се поништени. Ова се само некои од наодите на мониторингот на јавните набавки во земјата за периодот јули-декември 2018 година, како и резултатите од анкетата на фирмите за нивното искуство при учеството на тендерите, што го спроведува Центарот за граѓански комуникации (ЦГК).

– Зачестено се спроведуваат големи тендери што не се делат на делови, и со тоа се оневозможува конкуренција помеѓу фирмите, односно се доведуваат во прашање рационалното и ефикасното искористување на средствата. Конкуренцијата во јавните набавки во второто полугодие од 2018 година е влошена во однос на првото полугодие. Гледано на годишно ниво, во дури 32 проценти од мониторираните тендери е добиена само една понуда – е наведено во нивниот извештај.

Исто така, е посочено дека е зголемена примената на нетранспарентната постапка со преговарање без објавување оглас. Во 2018 година се склучени вкупно 596 договори без објавување оглас, во вредност од 33 милиони евра, што е за 4 милиони евра повеќе од 2017 година.

– Продолжува да расте бројот на тендери што се поништени. Во 2018 година, целосно или делумно се поништени 27 проценти од сите постапки за јавни набавки, што претставува раст од 3 процентни поени во однос на претходната година. Спроведувањето на јавните набавки од локално ниво се карактеризира со истите проблеми како со години претходно: ниска конкуренција, многу тендери со по еден понудувач, висок процент на поништени тендери и стари, лоши, практики. Во 2018 година, фирмите доставиле 695 жалби до Државната комисија за жалби по јавните набавки, што претставува зголемување во однос на претходната година за дури 37 отсто – појаснуваат од центарот.

Од друга страна, анкетата спроведена меѓу фирмите покажала дека најчест проблем со кој се соочуваат фирмите во јавните набавки и натаму е најниската цена како единствен критериум, додека задоцнетото плаќање, како втор најчест проблем минатата година, оваа година се најде на осмото место, иако сè уште просечно се чека по 6 месеци за наплата на побарувањата за завршените набавки.
– Дури 48 проценти од фирмите сметаат дека „секогаш“ или „често“ има корупција во јавните набавки. Просечната оцена со која фирмите го оценуваат процесот на јавни набавки во земјава изнесува 2,87, што е незначителен пораст во однос на лани кога оцената беше 2,85 – стои во извештајот.

И Светска банка алармира дека корупцијата е голем проблем во Македонија, и оттаму истакнаа дека нема економски раст додека не се искорени корупцијата. Доколку не постои решение за високата стапка на корупција, Светската банка во анализите за економските параметри во земјата, констатира дека нема услови за стабилен економски раст. Оттаму истакнуваат дека потенцијал за раст на економијата постои, но мора поефикасно да се работи на намалување на невработеноста, да се вложува во човечкиот фактор и да се подобри конкурентноста на компаниите од приватниот сектор.

– Како бизнис-заедница поддржуваме политички реформи со кои владеењето на правото и степенот на демократизација ќе се подигнат на повисоко ниво. Ако не го средиме правосудниот систем во државата, не можеме да се надеваме на економски развој. Што се однесува до економскиот модел, се потребни коренити реформи за отстранување на неколку пречки. Како клучни фактори ќе ги споменам се решавањето на сивата економија и корупцијата, особено корупцијата во јавните набавки – истакна во една пригода Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Македонија.
Претставниците на Стопанската комора на Македонија истакнуваат дека во изминатиот период е постигнат голем напредок во смисла на донесување и унапредување на законската рамка за борба против корупцијата, како и зајакнување на институционалните и административни капацитети. Оттаму додаваат дека во контекст на подобрување на квалитетот на јавните набавки, но и заради спречување на корупцијата, е потребно обезбедување поголема конкурентност на економските оператори и спречување на можностите за фаворизирање определени економски оператори. Поради ова бизнис-секторот предложи, интегрирано со вклученост на сите засегнати страни, да се донесат подзаконски акти.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

[email protected]