Фото: Игор Бансколиев

Континуираната нагорна линија на зголемување на цената на нафтените деривати ја одврзува спиралата на поскапувања и има големо влијание, генерално, врз состојбите во економијата и може да биде причина за нови ценовни притисоци, шокови и можна инфлација. Има ли начин да се амортизира ваквиот нагорен тренд и кои мерки може да се преземат за да се ублажат неповолните влијанија врз економијата

Eнергентите вршат силен притисок врз стандардот и економијата

Цените на нафтените деривати продолжуваат да растат и веќе се доближуваат до рекордното ниво од 2012 година. Дел од причините за растот на цените на нафтените деривати се побарувачката и понудата на овој енергент, но и геополитичките случувања во светот. Нагорната линија на цените на нафтата, секако, е причина за зголемена загриженост, бидејќи цената на нафтените деривати има големо влијание врз состојбите во економијата и може да биде причина за нов ценовен притисок.
Енергетските експерти посочуваат дека навистина е тешко во вака непредвидлива ситуација да се прогнозира какво би било ценовното движење на енергентите, особено на нафтените деривати во следниот период.
– Тешко дека може да се прогнозира какви ќе бидат движењата на цените на нафтените деривати во следниот период. Случувањата во светот во периодов се доста несвојствени за да се прават прогнози за цените на енергентите. Генерално, во согласност со укажувањата и на светските аналитичари, кои уште од декември посочија дека цените на нафтата, но и на другите енергенти нема да се вратат на нивото од летово, би кажал дека не може да очекуваме намалување на цените на нафтата. Сметам дека цените ќе се задржат на некое ниво од 20-30 проценти повисоко отколку што беа последното лето – вели професорот Константин Димитров.
Тој објаснува дека цените на енергентите во светот имаат тенденција да се следат едни со други и посочува дека гасот секогаш е за нијанса поевтин од електричната енергија.

– Нема основа да очекуваме дека цените на енергентите во следниот период би се намалиле драстично. Кон сето ова придонесуваат затворените нуклеарни централи, поради што се зголеми цената на електричната енергија, а со тоа и на гасот. Се зголеми побарувачката на гас, но и на нафта, што предизвика ценовен раст. Дополнително кон сето ова придонесуваат и политичките препукувања, но и борбата на САД да продаваат поголеми количества течен гас во Европа – посочува Димитров.
Претставниците на Регулаторната комисија за енергетика објаснуваат дека нафтените деривати се берзански производ чија цена зависи од понудата и побарувачката и истакнуваат дека при дефинирањето на цените особено се значајни одлуките на ОПЕК, нивото на нафтените резерви, како и тековните геополитички процеси.
– Изминатиот период берзата за нафтените деривати беше исклучително сензитивна на секоја информација во однос на пандемијата на ковид-19, на пример информацијата дека е пронајдена вакцина против ковид-19, потоа самата имунизација, како и новите мутации на вирусот, кои повторно ги затворија аеродромите, го намалија авиосообраќајот и ја намалија потрошувачката на нафтени деривати. Последната одлука на РКЕ, со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати, е резултат на зголемените берзански цени од изминатата недела. На светските берзи цените на нафтата пораснаа минатата недела, и тоа седма недела по ред, достигнувајќи нови највисоки нивоа од октомври 2014 година – објаснуваат од регулаторното тело.
Од РКЕ исто така посочуваат дека последниот раст на цените на нафтата се должи и на тензиите што се актуелни овој период поврзани со Украина, но и други причини.

– Последните зголемувања се должат на геополитичките тензии во Украина, ледената бура во САД и недоволните складишни резерви од нафта на глобално ниво. Цената на барелот на лондонскиот пазар минатата недела порасна за 3,6 проценти, на 93,27 долари, додека на американскиот пазар барелот порасна за 6,3 отсто, на 92,31 долари. Методологијата што се применува за пресметување на највисоките малопродажни цени за одделни нафтени деривати е речиси идентична кај сите земји што се увозно зависни од сурова нафта, а принципите што се применуваат се дефинирани во согласност со пазарните услови (понуда-побарувачка) што ги дефинираат светските производители на нафта и нафтени деривати. Македонија има најниски цени на нафтените деривати во споредба со цените во регионот и земјите во ЕУ – потенцираат од РКЕ.
Бизнис-заедницата укажува дека поскапувањето на нафтените деривати се одразува и врз цените на продуктите што компаниите ги произведуваат, секако во зависност од растот на цените и од учеството во производството.
– Растот на цените на суровини, материјали или енергенти што ја сочинуваат цената на чинење на еден производ на една компанија предизвикуваат зголемени трошоци. Најчесто компаниите се обидуваат со покачување на продажните цени на своите производи да ги нивелираат овие зголемени трошоци. Ако пазарот не ги прифаќа овие зголемени цени, доаѓа до намалување на продажбата и приходите и до намалување на рентабилноста на компанијата. Сметам дека ако не дојде до некое поголемо зголемување на цените на нафтата, проблемите од растот на цените на нафтата ќе бидат помали отколку проблемите предизвикани од растот на цените на струјата, со исклучок на транспортните компании. Сѐ зависи од тоа колку енергентите учествуваат во производствените трошоци на компанијата и дали пазарот ќе ги прифати зголемените цени на нивните производи. Затоа при дизајнирањето на мерките за помош на стопанството, Владата треба да направи добра анализа за тоа кому најмногу му е потребна помош заради зачувување на работните места, но и за зачувување на самите компании. Само така помошта ќе стигне онаму каде што е најнеопходна и ќе ги даде очекуваните ефекти – објаснува Ангел Димитров, претседател на собранието на Организацијата на работодавци на Македонија (ОРМ).
Со последната одлука на РКЕ, бензините поскапуваат за денар и пол, а дизелот за два денара. Сега литар еуросупер 95 се продава за 81, а еуросупер 98 по 83 денари за литар. Цената на дизелот изнесува 73,5 денари. Со ова цените на бензините се приближуваат до рекордот од пред десет години, кога литар еуросупер 95 чинеше 89 денари, а еуросупер 98 се продаваше по 90,5 денари за литар. Што се однесува, пак, до дизелот, ова гориво чинеше 75,5 денари за литар.
Од одлуката на РКЕ може да се забележи дека набавната цена на нафтените деривати е значително пониска. Па, така, набавната цена за еуросупер 95 изнесува 39,54 денари за литар, на еуросупер 98 е 41,29 денари за литар, додека, пак, набавната цена на дизел-горивото чини 40,20 денари за литар. Кон овие цени се додаваат трошоците за задолжителни резерви, акцизата и други давачки, поради што крајните цени на горивата се значително повисоки.
Растот на горивата беше причина транспортерите да алармираат дека се пред банкрот и бараат државата да ги следи примерите од регионот и да се откаже од дел од приходите во буџетот, зашто дури околу 40 отсто од крајната цена на горивата се давачки на име на акцизи, даноци и такси.

– Од една страна, се намалува производство на голем број производи што претходно биле превезувани низ цела Европа, а, од друга страна, трошоците секојдневно се зголемуваат. Цените на превозот не може толку брзо да ги следат сите промени на цената на горивата, ниту, пак, превозниците можат за секој превоз да бараат дополнителни средства. Кај нас не се воведува враќање на дел од акцизата пресметано во цената на погонското гориво за сите што вршат комерцијален превоз на стока и патници, со можност во реципроцитет да се бара поврат на акциза и од други држави, како што е случај со ДДВ. Ваквата мерка ќе влијае и на намалување на стапката на инфлацијата – укажува Билјана Муратовска, генерална секретарка на асоцијацијата на транспортери „Макам – транс“.