Фото: Маја Јаневска-Илиева

Цените на пченицата годинава поскапеа за околу 60 отсто на светските берзи, што ја зголеми цената на сѐ, од леб до тестенини. По недостигот од снабдување на пченица поради руско-украинскиот конфликт, зголемувањето на цената по забраната за извоз на пченицата од Индија, која е втор светски производител и извозник на лебно жито на светскиот пазар, ќе влијае на цената во опкружувањето, но и на цената на домашната пченица

Ситуацијата на светскиот пазар на жито дополнително се комплицира откако Индија неодамна го прекина извозот на жито. Цената на пченицата на меѓународниот пазар скокна откако Индија го забрани извозот на основните житарки, што е највисока цена во последните два месеца, таа се искачи на 435 евра за тон со отворањето на европскиот пазар. Цените на пченицата годинава поскапеа за околу 60 отсто на светските берзи, што ја зголеми цената на сѐ, од леб до тестенини.
Индија е втор најголем производител на пченица во светот сега. По недостигот од снабдување предизвикан од руско-украинскиот конфликт, ова е втор удар за прехранбениот сектор. Оваа состојба ги зголеми стравувањето во светот и Европа, но и во Македонија, дека би можеле да се најдеме на работ на голема прехранбена криза.
И од Обединетите нации велат дека војната во Украина ја влошила нестабилноста на храната во посиромашните земји поради зголемените цени и дека светот може да се соочи со глад, кој може да трае со години, доколку изворот на храна од Украина не се врати на нивото пред војната.
Од Стопанската комора на Северна Македонија велат дека зголемувањето на цената по забраната за извоз на пченицата од Индија, која е втор светски производител и извозник на лебно жито на светскиот пазар, секако ќе влијае и на цената во опкружувањето, но и на цената на домашната пченица.
– Зголемувањето ќе биде повисоко дури и во однос на цените на берзите, од причина што голем број земји што беа купувачи на руската, украинската и индиската пченица, сега ќе се насочат кон купување во нашиот регион, со што уште повеќе ќе ја подигнат цената на овој производ. Следствено на сето ова, треба да се очекува зголемување на цените на брашното, лебот и пекарските производи, како и сите производи што користат брашно како суровина – посочуваат од СКСМ.
Во овој контекст, оттаму додаваат дека би било од помош доколку Владата даде дополнителни субвенции за предадена по килограм пченица во домашната мелничка индустрија – како на земјоделците така и на мелничарите.

– Оваа мерка, Комората ја бараше во изминатиот период, два денара по килограм на земјоделците и два денара по килограм на мелничарите. Со тоа ќе се стимулираат домашните производители во следната сеидба 2022/2023 година да посеат доволно површини за задоволување на домашните потреби – укажуваат од Комората.
Според нив, добредојдена е и распределбата на државно земјоделско земјиште, која ја најави Владата, со што произведените количества на лебно жито би ги задоволиле во многу поголем процент домашните потреби во иднина.
– Секоја држава што има добри услови за развој на земјоделството мора да има своја стратегија за развој на овој сектор, наместо тој етапно да се уништува како во нашава земја. Имаме неискористени природни ресурси, а големи количества жито се увезуваат. Кај нас тенденцијата на намалување на производство на пченица ќе биде присутна и во иднина, сѐ додека не направиме стратегија за зачувување на домашното производство за да можеме во какви било околности, како војни, непогоди, да имаме доволно за прехрана на нашето население. Во спротивно, стануваме држава што е лесен плен и политички и економски, опасност што претстои во случај на глад, ако дојде до прекин на глобалните синџири за испорака на храната – објаснува Љупче Станковски, претседател на здружението „Агрофаланга“.
Тој посочува дека државата треба да ја изработи стратегијата со која ќе се штити домашното производство, не само на пченицата туку на која било земјоделска култура, појаснувајќи дека таа треба да го стимулира производството, кое ќе обезбеди доволно за домашните потреби, не и за извоз, туку само за покривање на домашните потреби од земјоделски продукти.

– Покривањето на нашите потреби за пченица на годишно ниво треба да ни биде приоритет и стратегиска цел. Кога овие цели ќе станат приоритет на државата, тогаш може да се премине кон искористување на сите потенцијали, кои можат да го зголемат производството по единица површина, а тоа се системи за наводнување, модерна технологија, навремена заштита од болести итн. – смета Станковски.
Билјана Петровска Митревска, проект-менаџерка на Националната федерација
на фармери, истакна дека интервентниот фонд е значаен за поддршката на полјоделските култури, особено сега, кога цените на сите инпути се поскапени, но како ќе се одвива целосната продажба на пченицата зависи од продажната цена.
– Токму тоа ќе биде пресудно за тоа како ќе се одвива есенската сеидба и кои количества на пченица ќе ги имаме в година. Добро е што е ставен приоритет на овој сектор во последните месеци и активно се работи во потсекторската група на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, каде што активно учествуваат Националната федерација на фармери, стопанските комори, други здруженија и надлежните институции. Ние и понатаму апелираме да се применува мерката интервентен откуп кај пченицата, која со закон е стратегиски производ и интервентниот откуп се спроведува од државата кога производствената цена на пченицата е повисока од продажната – вели Петровска Митревска.