Фото: Игор Бансколиев

Капиталните инвестиции имаат моќ да поттикнат економски раст, но само ако истите тие доследно се реализираат и ако се насочени кон вложувања што имаат поголем мултипликативен ефект

Реализацијата на капиталните инвестиции и инвестирањето во градежни проекти со долгорочен ефект, наместо набавка на нови возила, ќе имаат позитивен одраз врз стопанството во земјава. Ова го посочуваат домашните економски експерти и укажуваат оти капиталните проекти не се исполнуваат во согласност со плановите во буџетот на почетокот на годината и истакнуваат дека токму инвестициите во градежни зафати редовно се на листата за кратење при ребаланс.
Податоците на Министерството за финансии говорат дека заклучно со ноември минатата година биле искористени 59,53 отсто од планираните средства за капитални расходи. Оваа ставка од буџетот е наменета за инвестиции во трајни добра, како патишта, училишта, болници, водоводи, студентски домови, апарати за здравството, опрема хардвер, софтвер… и нивната реализација треба да креира подобри услуги за граѓаните и развој на економијата.
– Извршувањето на капиталните инвестиции на државата останува проблематично. Анализирани во временска перспектива, излегува дека капацитетот за нивна реализација е зададен, бавно се зголемува и без оглед што Владата на почетокот на годината ги планира високо за да покаже амбиција, повторно завршуваме со пониска реализација, односно со фактот дека амбициите се нереални. Притоа, сегашната влада само ја продолжи таа практика од претходно и не се одважи да направи квалитативен исчекор во тој поглед, кој би значел свртување на фокусот од квантитетот (планираниот нереален обем) кон квалитетот на предвидените капитални проекти (во што инвестираме и колку е тоа важно за конкурентноста на економијата). Со евентуално помал обем на капитални инвестиции може да постигнеме и поголем мултипликативен импакт за економијата, ако тоа се капитални инвестиции, кои значат отклонување клучни структурни пречки за растот – вели универзитетскиот професор Марјан Петрески од „Американ колеџ“.

Пониско и попрагматично планирање

Професорот посочува дека токму сегашната енергетска криза е показател за нашите слабости и за значењето што капиталните инвестиции го имаат за развој на економијата.
– Тековната енергетска криза најдобро го илустрира ова, односно на површина ги исфрли слабостите на постојните енергетски капацитети, првенствено РЕК „Битола“, кои се на крајот на својот животен век, поради тоа што се изградени пред 40 години и поради слабата енергетската вредност на јагленот што се ископува во близината на Битола. И, сега, во таков контекст се реактуализира хидроцентралата „Чебрен“, која, да потсетам, беше тема и во 1990-тите. Ако тогаш се реализирала, притисокот од енергетската криза сега ќе беше помал. Такви примери за квалитетот на капиталните инвестиции има безброј. Значи, во однос на капиталните инвестиции повикувам да ја смениме парадигмата: пониско, но попрагматично планирање, со паралелна работа на отстранување на тесните грла во нивното администрирање и спроведување на терен – укажува Петрески.
Анализа направена од институтот за економски истражувања и политики „Фајненс тинк“ укажуваат дека во структурата на капиталните расходи за оваа 2022 година доминантно учество имаат вложувањата во градежни објекти. Сепак, аналитичарите нагласуваат дека досега при секој ребаланс таа ставка била „прва на удар“ и значајно се кратела, а ставките со помали износи, купување возила и стратегиски стоки имаат двократен и трократен раст.
– Со оглед на неизвесноста од пандемиската и енергетската криза, очекуваме надолно коригирање на „развојните“ ставки со првиот ребаланс. Притоа, капацитетот за реализација на капиталните инвестиции останува ограничен. Дополнително, уделот на капиталните инвестиции во БДП се движи од 2,5 отсто до 3,7 проценти кога реализацијата достигнува речиси 85 проценти. Оттука, дури и при оптимистичко планирање, процентот на реализација на капиталните инвестиции ќе биде помал како што уделот на капитални инвестиции во БДП го достигнува својот максимум – објаснуваат од „Фајненс тинк“.

Оваа година најмалку 80 отсто од капиталните инвестиции мора да се реализираат

Од институтот укажуваат дека е потребна идентификација на ограничувањата на капацитетот за трошење на планираните капитални расходи, за да се зголемат реализацијата и ефектот врз економскиот раст. Истакнуваат дека и покрај фактот што беше воспоставен механизам за реалокација на средства од институциите со подреализација кон институциите со ефективна реализација на капиталните расходи, голем дел од подреализаторите добиваат значајно повисоки „капитални задачи“ со новиот буџет.
– Министерството за финансии е неопходно да понуди подлабинска анализа за ефикасноста на механизмот за поттикнување на извршувањето на капиталните расходи, наместо само да го декларира неговото постоење. Исто така, потребна е подетална анализа и идентификација на проблемите со кои се соочуваат одделните институции при реализација на капиталните инвестиции – укажуваат од ФТ.
Универзитетскиот професорот Здравко Савески, за „Нова Македонија“ објаснува дека капиталните инвестиции се исклучително важни за заживување на економијата во услови на рецесија или криза, бидејќи нивната реализација обезбедува дополнителна работа и за другите сектори што се поврзани со реализацијата на капиталните инвестиции.
– Нивото на реализација на капиталните инвестиции за 2021 (60-70 проценти до ноември) е незадоволително. Во периодот 2010-2015, на пример, реализацијата континуирано беше над 80 проценти. А тој период исто така ја вклучува рецесијата што ја претрпевме поради светската финансиска криза. Значи, мора планирањето на капиталните инвестиции да има помалку врска со празното рекламирање на власта, а повеќе со реалните можности и потреби. Исто така, мора да има сериозен ангажман во реализацијата на инвестициите, без празни изговори што отпосле ќе се кажуваат за да го оправдаат потфрлањето. Бидејќи 2022 година се очекува да биде кризна година, власта мора да направи сѐ што е во нејзина моќ реализацијата на капиталните инвестиции да не падне под 80 проценти – посочува Савески.
Претседателот на Собранието на Организацијата на работодавачи на Македонија, Ангел Димитров, исто така посочува дека големите инвестиции во инфраструктурата, како и сите други капитални инвестиции се значајни за економскиот раст на земјите, но додава декa не сите капитални инвестиции имаат еднаков ефект.
– Некои од нив го стимулираат економскиот раст во текот на градењето, а потоа само на индиректен начин даваат економски ефекти и потребно е многу години да се поврати инвестицијата, како што е случајот со автопатиштата. Но инвестициите во далноводи, гасоводи или хидроцентрали не само во текот на градбата туку и веднаш по пуштањето во употреба даваат големи економски ефекти.

Македонија долг период има проблем со реализацијата на капиталните инвестиции заради сложените процедури што ги наметнува Законот за јавни набавки. И во 2021 година иако беше присутна корона-кризата сепак капиталните инвестиции влијаеја позитивно на економскиот раст и без нив сигурно стапката на растот на БДП ќе беше пониска. И покрај зголемениот јавен долг и во иднина мора да ја одржиме стапката на капитални инвестиции, но притоа да ги остваруваме оние инвестиции што побргу ќе ги вратат инвестираните пари. Ако досега беше гасифициран поголем дел од земјата, денес полесно ќе ја пребродевме енергетската криза. Македонија сѐ уште има неискористени водни потенцијали за производство на електрична енергија и за наводнување во земјоделското земјиште, што е неопходно – укажува Димитров.
Министерот за финансии Фатмир Бесими посочува дека и покрај тешкотиите создадени од пандемијата, вкупните расходи минатата година биле реализирани речиси целосно или 95,87 отсто од планираното и имаат раст од 5,7 проценти во споредба со 2020 година.
– Кај капиталните инвестиции во 2021 година се бележи повисока реализација за 45,2 проценти споредено со претходната година. Во 2021 година реализацијата на капиталните инвестиции е на ниво од 23,4 милијарди денари, што претставува реализација на 79 отсто во однос на планираните средства. Значајно е дека реализираните инвестиции во 2021 година се на највисоко ниво во апсолутен износ. Ова дава оптимизам за реализирање на големи капитални проекти планирани во Планот за забрзан економски раст 2022-2026, но и реализација на планираните капитални инвестиции во 2022 година, кои се на историски највисоко ниво досега, со учество од 14 проценти во вкупните расходи. Капиталните расходи оваа година се проектирани на износ од 38,2 милијарди денари и се за 28,3 отсто повеќе во споредба со 2021 година. Предвидени се крупни јавни инвестициски зафати во областите на патната и железничката инфраструктура, дигитализацијата, енергетиката, како и зелениот развој. Меѓу позначајните проекти се изградбата на автопатот на Коридорот 8, изградба и рехабилитација на железничката инфраструктура од коридорите 8 и 10, гасоводна инфраструктура на магистралните делници Скопје – Тетово, Гостивар – Кичево, Свети Николе – Велес, како и интерконективен гасовод со Република Грција и други – посочува Бесими.