Економистите укажуваат дека во овој неизвесен период од големо значење е одржување на девизните резерви, но и постојано следење на ситуацијата во Украина, за навремени реакции во кој било сегмент од економијата. Освен растот на цената на енергентите, кризата влијае и врз животниот стандард на граѓаните и може да дојде до инфлација и раст на цените. Надлежните смируваат дека заштитните механизми во нашиот финансиски систем се соодветни и тој ќе продолжи да функционира непречено за да овозможи поддршка на економијата

РЕФЛЕКСИЈА НА ВОЈНАТА ВО УКРАИНА

Случувањата околу Украина го окупираат вниманието на луѓето низ светот, кои со внимателност, доза на страв и неверување ги следат сите информации поврзани со војната таму и нејзините импликации врз економијата. Воениот конфликт сѐ повеќе ја зголемува загриженоста кај луѓето, од кои многумина стравуваат и од негова можна ескалација, но и од влошување на животниот стандард. Економистите укажуваат дека конфликтот настана во еден многу проблематичен период, особено за државите како нашата, кои веќе се високозадолжени и чии можности за дополнителна помош на граѓаните се ограничени. Иако се надеваат на смирување на ситуацијата, сепак, економистите потенцираат дека неминовно војната во Украина ќе резултира со намалување на животниот стандард.
Професорот Ванчо Узунов вели дека поради пандемијата и поскапувањата на енергентите изминатиот период, трошоците на земјата биле драстично зголемени, поради што можностите на државата сега да интервенира се намалени.
– Владата веќе интервенира на полето на енергетската криза што нѐ зафати, но доколку не заврши војната наскоро, енергентите уште повеќе ќе поскапуваат, а нашите трошоци ќе се зголемуваат. За просечниот граѓанин на нашата земја, поголема е веројатноста дека животниот стандард ќе му се влоши. Единствено што може да се надеваме е тој удар да не е биде многу голем. Владата може и треба да презема мерки за да го ублажи ударот, но она што ме плаши е што просторот за интервенции е многу ограничен. Оваа криза доаѓа по двегодишната здравствена криза, па следуваше и економската криза, при што Владата цело време дејствуваше со разни пакет мерки. Ресурсите на Владата за дејствување се мали. Владата мора добро да обработи на полето на макрофинансиската стабилност, за да спречи да дојде до хиперинфлација. Ако дојде до голем раст на цените, треба да прифатиме дека ќе има рестриктивна монетарна политика, што ќе води кон раст на цените на кредитите. Тоа значи дека постепено ќе мора да се зголемуваат цените на кредитите, што исто така може да влијае на раст на цените на производите, да расте инфлацијата, па ќе мора да се дејствува антиинфлаторно – објаснува професорот Узунов.

Поранешниот гувернер Петар Гошев појаснува дека засега неизвесноста е многу голема за да можат да се прават долгорочни проекции и да се претпоставува какви мерки ќе треба да презема Владата. Потенцира дека засега штетите не се толку големи, како што беа од пандемијата и нема потреба од промени.
– Судирот дополнително ја оштетува светската економија, но многу поголеми беа штетите од пандемијата. Со олабавувањето на рестриктивните мерки, некои од состојбите се вратија на старо, некои економии имаа раст, што беше случај и кај нас и во околината. Одредени земји дури и целосно ги компензираа загубите поради пандемијата, поради што се очекуваше целосно стабилизирање на инфлацијата оваа година. Но ова ги комплицира состојбите и ќе влијае на одложување на стабилизирањето на стапката на инфлација. Не може да се каже ниту колку ќе трае кризата, ниту колкави штети ќе предизвика. Најбитно е таа да заврши што поскоро и да се стабилизираат состојбите. Мое лично мислење е дека Народната банка не треба да ја затегнува монетарната политика, туку треба да се следат состојбите и да се види како ќе се одвива ситуација. Засега Народната банка има доволно капацитет да го одбрани девизниот курс и тоа воопшто не треба да се доведува во прашање – вели Гошев.
Тој објаснува дека Народната банка посредно ја одржува инфлацијата, преку одржување на девизниот курс. Посочува дека е значајно одржувањето на девизните резерви, за кои вели дека се во рамките на потребното ниво. Сепак, додава дека поради неизвесноста со ситуацијата во Украина, за која никој не може да знае како ќе се одвива во иднина, бара нужно следење на состојбите, во надеж дека наскоро ќе заврши сѐ.
Вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во телевизиско гостување посочи дека девизните резерви се високи, а девизниот курс стабилен.

– Курсот на денарот е стабилен, девизните резерви се на исклучително солидно ниво и имаме капацитет и простор да ја одржуваме стабилноста на девизниот курс. Денарот е стабилен. Би напоменала дека со оглед на режимот на девизен курс што го имаме, она што е за нас клучно е девизниот пазар и девизните резерви. Досега сите промени кај девизните резерви, во целост се конзистентни со нашите очекувања. Нивото е високо, некаде околу 3,4 милијарди евра и да нагласам дека ова ниво е повисоко и во однос на нивото коешто го имавме на самиот почеток на пандемијата. Всушност, по сите параметри на резервите што ги следиме, тие се адекватни и се, де факто, огледало на нашиот капацитет да ја одржуваме стабилноста на курсот – посочи вицегувернерката Митреска и дополни дека во извештајот за нашата економија Меѓународниот монетарен фонд јасно и експлицитно кажува дека курсот е целосно конзистентен, не само со економските параметри туку и со политиките што ги водиме и оттаму нема апсолутно никаква потреба од промена на нивото на курсот.
Случувања во Украина и последиците за економијата што можат да произлезат од натамошниот развој на ситуацијата биле дискутирани и на последната седницата на Советот на Народната банка, при што биле разгледани и последните макроекономски показатели и било констатирано дека треба да се продолжи со внимателно следење на ситуацијата, која се менува од час на час.

– Со оглед на малата поврзаност на нашата економија со економиите на Русија и на Украина, не се очекуваат директни последици, но можни се индиректни. Најновите случувања влијаат на глобалните пазари на енергенти и храна, што заедно со сè поголемата неизвесност може да ги влоши изгледите за раст на европската и на светската економија. Заштитните механизми во нашиот финансиски систем се соодветни и тој ќе продолжи да функционира непречено за да овозможи поддршка на економијата. Руски или украински капитал не е присутен во сопственичката структура на нашите банки, така што од тој аспект нема изложеност врз стабилноста на домашниот банкарски систем. Истовремено, на седницата на Советот беше констатирано дека девизните резерви се во сигурната зона и обезбедуваат доволна девизна ликвидност на домашната економија и стабилност на домашната валута – наведуваат од НБРСМ.