Европската банка за обнова и развој официјално објави дека е започнато администрирањето на заемот од 100 милиони евра за АД ЕСМ за надминување на енергетската криза, а кредитот ќе биде одобрен на 20 јули.
Кредитот ќе биде за поддршка на ликвидноста на компаниите во справувањето со енергетската криза што ја погодува Македонија.
– Обезбедувањето на финансиските средства за ликвидност ќе се користат како обртен капитал за финансирање плати, сервисирање на долгот и други административни трошоци на клиентот и не е поврзано со какви било нови еколошки или социјални ризици или влијанија. ЕСМ е постоен клиент на банката со добри резултати и ја докажа својата способност да се усогласи со барањата на банката за време на тековните проекти – се вели во објавата на меѓународниот кредитор.
Со овие пари ќе се финансираат структурните прашања на локалниот енергетски пазар. Исто така, се вели дека заемот ќе ѝ помогне на земјата да ги исполни своите цели за одржливост и енергетска сигурност. Финансиската помош треба да ја зголеми отпорноста на енергетскиот сектор од системски шокови како што се ковид-19 и сегашните кризи на пазарот на електрична енергија.

– ЕСМ, исто така, ќе промовира развој на човечки капитал и градење капацитети за младите работници низ своето работење во Македонија. Ова ќе се постигне со воведување нова акредитирана програма за обука, која ќе им овозможи на младите локални работници да стекнат вештини релевантни за пазарот, како што се тргување со електрична енергија и управување со проекти – се вели во соопштението на ЕБОР.
Употребата на приходите ќе биде ограничена за покривање на потребите за ликвидност и нема да се користи за финансирање какви било операции и инвестиции поврзани со фосилни горива.
Претходно, генералниот директор на државните електроцентрали Васко Ковачевски, пред месец и пол, дена го најави ова задолжување.
– ЕБОР дава можност за кредитно задолжување со камата под еден процент, исплата на шест години, со грејс-период од шест месеци. Станува збор за сума од 50 и 100 милиони евра за покривање на разликата од производствената и продажната цена – нагласи Ковачевски.
Тој најави дека со новите проекти ќе се обезбеди производство на електрична енергија од 1.760 мегавати, додека бројот на вработени во АД ЕСМ ќе се намалува по природен одлив, со одење во пензија.
Во текот на зимскиот и есенскиот период државата од својот буџет одобри 175 милиони евра за надминување на енергетската криза, која ја менаџираше ЕСМ. Акционерското друштво во државна сопственост подоцна доби и заеми од подобростоечките претпријатија.