Фото: МИА

Минималната плата ја постигнавме низ дијалог со сите заинтересирани страни, во дијалогот беа вклучени синдикатите и работодавците, а беа консултирани и стопанските комори. На ист начин ќе биде направена и новата методологија за пензиите која што ќе биде резултат на дијалог со здружението на пензионерите, односно на асоцијација на пензионерите. Тој дијалог ќе започне во петок оваа недела, истакна премиерот Димитар Ковачевски.

Тој посочи дека министерката за труд и социјална политика, Јована Тренчевска веќе го има свикано првиот состанок на кој ќе разговараат асоцијациите на пензионерите заедно со економските ресори во Владата. Дијалогот ќе биде фокусиран на дефинирање методологија која треба да овозможи одржливо зголемување на пензиите во наредните години внимавајќи притоа на одржливоста на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување.

Ковачевски истакна дека, во година на економска криза предизвикана од енергетската европска криза, Владата веќе прави анализи за дополнителна финансиска помош за пензионерите.