Фото: Архива

Во планот за производство на АД ЕСМ се предвидува од ноември да профункционираат трите блока во РЕК Битола. Годинава ќе направиме обид да не правиме класични ремонти со застои од 30, 60 или 90 дена, туку да ги вршиме во периоди кога ќе има намалување на снагата, односно простор за санација, посочи денеска генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски.

Тој нагласи дека сите вработени се во функција и оти ремонтни активности се извршуваат во РЕК „Битола“ и во РЕК „Осломеј“, но, како што кажа, се прават и технолошки активности за санација и подготовка на ископите на јаглен.

– Блок 3 во РЕК „Битола“ е во застој заради изгорен трансформатор од надворешно влијание во текот на декември минатата година и јануари годинава. Во моментов постојниот трансформатор се наоѓа на сервисирање во Белград, а истовремено извршена е и јавна набавка за купување на нов трансформатор што не е направено 40 години од пуштањето во работа на РЕК „Битола“. Очекуваме на крајот на септември или на почетокот на октомври еден од трансформаторите да пристигне и на крајот на октомври да бидеме во полна капацитетност со РЕК „Битола“ за да може еден од блоковите да влезе во краток ремонт – рече Ковачевски во одговор на новинарско прашање на денешната прес-конференција во Владата заедно со министерот за економија Крешник Бектеши.

Потоа, од почетокот на ноември до 30 април додека трае грејната сезона, како што рече, РЕК „Битола“ ќе може да работи со три блока, односно со максимален капацитет.

– И РЕК „Осломеј“ во моментов се наоѓа во застој заради годишни ремонтни активности кои ќе значат стабилност и континуирано работење на термоелектраната во периодот од 1 октомври до крајот на април идната година. Токму затоа се вршат и дополнителни набавки на јаглен и за РЕК „Осломеј“ за да може и овој важен капацитет за сигурноста и стабилноста на енергетскиот систем да работи во полна кондиција и со полно производство во текот на грејната сезона – рече  Ковачевски.

Посочи дека АД ЕСМ има намалени ставки во јавните набавки за непродуктивни трошоци или ставки кои не се потребни за овој  период и може да се одложат за наредните години во вредност од околу 50 милиони евра.

– По тој основ годинава нема да се потрошат околу 50 милиони евра кои индиректно ќе бидат заштеда на компанијата и на државата, бидејќи приоритет во овој период ќе биде директното производство на електрична енергија за да не се доведеме во ситуација да имаме застои, односно набавки и купување на електрична енергија по значително повисоки цени од сегашните – прецизира Ковачевски.