Од АЕК очекуваат набрзо разрешување на ситуацијата, што би овозможило продолжување на процесот за воведување на 5Г-технологијата/Фото: Маја Јаневска-Илиева

 По стопираната тендерска постапка за воведување на 5Г-технологијата во Македонија

Тендерот неодамна беше прекинат по постапката на Комисијата за заштита на конкуренцијата (КЗК), откако беше поднесена претставка на една од заинтересираните страни, во која се тврди дека со дел од понудените услови за влез на нов оператор се нарушува конкуренцијата на пазарот. Од АЕК, пак, сметаат дека новиот оператор не би стекнал предност пред постоечките, со што нагласуваат дека е создадена парадоксална ситуација која довела до прекин на тендерот

Стопирањето на тендерската постапка за доделување на радиофреквенциските опсези за 5Г би можело да го спречи евентуалниот влез на трет мрежен оператор во Македонија, што би оневозможило развој на конкуренцијата и би довело до економски последици, а згора би го ускратило општеството за придобивките од воведувањето на модерната технологија, велат од Агенцијата за електронски комуникации (АЕК). Тендерот неодамна беше прекинат по постапката на Комисијата за заштита на конкуренцијата (КЗК) откако беше поднесена претставка на една од заинтересираните страни, во која се тврди дека со дел од понудените услови за влез на нов оператор се нарушува конкуренцијата на пазарот. Од АЕК, пак, сметаат дека новиот оператор не би стекнал предност пред постоечките, со што нагласуваат дека е создадена парадоксална ситуација која довела до прекин на тендерот.

– Заинтересирана страна поднела претставка до КЗК со образложение дека со ограничувањата за одобренијата А1 и Б1, како и со намалувањето, според заинтересираната страна, на најниската висина на еднократниот надоместок, всушност се нарушува конкуренцијата на пазарот. Според претставката, се тврди дека АЕК доделила државна помош и на таков начин, тие како постоечки мрежен оператор се доведуваат во подредена положба. Од ова се гледа дека станува збор за парадокс. Најнапред, вредно е да се напомене дека воопшто не се работи за било какво намалување на најниската висина на еднократниот надоместок, туку точно е утврдено колку тој ќе изнесува, впрочем и соодветниот документ се нарекува Одлука за утврдување на најниската висина на еднократниот надоместок и начинот на негово плаќање, согласно законот. Понатаму, како е можно оператор кој што не постои на пазарот, кој нема никаква инфраструктура и кој нема воопшто корисници, да биде во каква било предност пред постоечки мрежен оператор, кој е определен за оператор со значителна пазарна моќ и кој поседува обемна и развиена инфраструктура. Ваквата ситуација не е докажана во ниту една теорија од науката која ја покрива областа на конкуренцијата и регулацијата на пазарот. Теоријата го тврди, а практиката го потврдува спротивното од тврдењето во претставката, а тоа е дека фирмата која прва влегува на пазарот секогаш е во предност во однос на сите идни фирми кои ќе влезат на тој пазар – наведуваат од АЕК за „Нова Македонија“, додавајќи дека слични услови имало и во постапка спроведена во 2006-2007 година, по која третиот мрежен оператор „ВИП“ се етаблираше на пазарот за електронски комуникации во Македонија, во тоа време.

Новиот мрежен оператор за одобренијата А1 и Б1 првично требал да плати надоместок од три, односно 1,5 милиони евра, соодветно, за потоа сумата да биде намалена на 2,75, односно 1,25 милиони евра, за што е дадена согласност на Владата. Според заклучокот на КЗК овој износ за најниска висина на еднократниот надоместок за избор на нов мрежен оператор, претставува државна помош која ги става во подредена положба останатите заинтересирани страни. Од АЕК претходно наведоа дека ја ограничиле можноста на постоечките два мрежни оператора во Македонија да можат да конкурираат за одобренијата А1 и Б1, наменети за доделување на нов мрежен оператор, поради отстуството на конкуренција на пазарот, нотирано и од страна на Европската комисија во извештаите за напредокот на Македонија, како што е случај и со последниот извештај од 19 октомври минатата година.

– На 1 јуни минатата година во согласност со Законот за електронските комуникации (ЗЕК) АЕК објави намера за доделување на радиофреквенциските опсези кои се наменети за воведување на 5Г – 700 мегахерци (МХц), 3,6 гигахрерци (ГХц) и 26 ГХц, при што операторите изразиле интерес за опсезите од 700 МХц и 3,6 ГХц. Согласно ЗЕК, после овој чекор директорот на АЕК носи одлука за утврдување на најниската висина на еднократниот надоместок и начинот на неговото плаќање. Во оваа одлука беше утврдено цените да изнесуваат по 3 милиони евра за одобрението А1, по 6 милиони евра за одобренијата А2 и А3, 1,5 милиони евра за одобрението Б1 и по 3 милиони евра за одобренијата Б2 и Б3. При тоа за одобренијата А1 и Б1 можат да конкурираат само оператори кои во моментот на објава на јавниот тендер со јавно наддавање не поседуваат јавни електронски радиокомуникациски мрежи на територијата на Македонија, а за останатите одобренија можат да конкурираат сите заинтересирани страни. Владата и на 117-та седница од 2 ноември мината година донесе заклучок со кој се препорачува најниската висина на еднократниот надоместок – за одобрението А1 да биде 2,75 милиони евра, за одобренијата А2 и А3 да бидат по 5,5 милиони евра, за одобрението Б1 да биде 1,25 милиони евра, одобренијата Б2 и Б3 да бидат по 2,5 милиони евра и начинот на плаќање да биде еднократен – објаснуваат од АЕК.

Стопирањето на постапката, според АЕК, би можело да има значителни последици на повеќе различни полиња, кочејќи го воведувањето на 5Г-технологијата во Македонија.

– Најнапред, сигурно е дека стопирањето на постапката има сериозен импакт на буџетот на Македонија, така што државата не успеа да ги обезбеди планираните средства кои од различни причини секако е дека се повеќе од добродојдени, во период на повеќе прогласени кризи. Ќе се спречи евентуалниот влез на трет мрежен оператор кој за правилно функционирање треба да обезбеди околу 300-500 повисоко платени вработувања, од кои во најголем дел би биле електроинженери, кои како и секаде во светот, така и во Македонија, се дефицитарни, и со можноста да работат тука државата би имала бенефит од инвестирањето за нивното школување во Македонија. Истовремено, тоа може да биде и мерка за спречување на иселувањето од Македонија, особено што луѓето од споменатиот профил се претежно од помладата генерација. Понатаму, сигурно е дека ќе се обезбеди работа на околу 20-30 надворешни компании, Извештаите од Европската комисија, во делот за електронските комуникации, конечно ќе станат позитивни и ќе се развие конкурентноста во државата во овој сектор и на крајот ќе се воведе на 5Г во Македонија. Имплементирањето на 5Г ќе влијае и на придобивките во општеството. Покрај значајните подобрувања во брзината и надежноста на врските, главните придобивки кои ги надминуваат границите на традиционалните електронски комуникации лежат во еволуцијата на новите бизнис-модели и различните типови на клиенти и партнерства. Со имплементација на 5Г, операторите ќе понудат и можност директно да ги поддржат вертикалните индустрии и да придонесат кон нивната мобилизација. Се очекува 5Г да биде можеби и главен мотиватор за развој во секој индустриски сектор. Мобилното поврзано општество и целосната дигитална инфраструктура се предуслов за модерна индустрија, а секако дека тоа носи и раст на економијата. Ова би претставувало значаен импулс за охрабрување на сите потенцијални инвеститори, дека сепак, и во оваа држава е можно да се равива бизнис на здрава основа, уште повеќе што се работи за бизнис кој што е оценет како еден од најбрзорастечките – посочуваат од АЕК.

Одлуката за распишување на јавен тендер за доделување на одобренија за користење на радиофреквенциските опсези од 700 МХц и 3.х ГХц која беше објавена на 24 ноември 2021 година, претставуваше последна фаза од тендерската постапка. Рокот за доставување на понуди беше заклучно со 29 декември минатата година, а отворањето на понудите беше предвидено на 5 јануари годинава. Директорот на АЕК, имајќи ја предвид постапката што КЗК ја иницира, донесе одлука за прекин на тендерската постапка за да не настане било каква штета по било која страна во процесот (Влада, оператори, АЕК). Од АЕК очекуваат набрзо разрешување на ситуацијата што би овозможило продолжување на процесот за воведување на 5Г-технологијата во Македонија, за која се обезбедени сите услови, при што се очекуваше целиот процес да заврши во март годинава.