Фото: Маја Јаневска-Илиева

Русија и Украина се земји богати со енергенти и се големи извозници во Европа и регионот, поради што се очекува дополнителен раст на цените на енергентите. Истовремено, земјите важат за големи извозници и на суровини, некои се од светските трговски синџири, кои сега се разнишуваат, поради што економистите очекуваат силен удар врз светската, но и домашната економија

ЕКОНОМИСТИТЕ ГИ АНАЛИЗИРААТ ПОСЛЕДИЦИТЕ ОД КОНФЛИКТОТ ВО УКРАИНА

Воениот конфликт меѓу Русија и Украина деновиве е во фокусот на светската јавност, но и на домашната. Тамошните случувања несомнено ќе се одразат врз животот на граѓаните како во двете земји, така и во поширокиот регион, поради фактот што двете земји се исклучително значајни извозници на енергенти, суровини, основни животни продукти… Размерите на економските штети во овој момент никој не може да ги процени, но Европа како континент ќе биде најголемиот страдалник. Намалувањето на понудата од овие две земји кон другите ќе ја намали глобалната понуда, што исто така ќе влијае врз цените, кои досега беа под притисок поради нарушената пазарна рамнотежа наметната од пандемијата.
Универзитетскиот професор Ванчо Узунов објаснува дека со оглед на глобалната поврзаност на светската економија, случувањата во Украина неминовно ќе влијаат врз економиите.
– Во овој глобализиран свет, секое случување во кој било дел од планетата има влијание врз економијата. Дополнително, кога има судир меѓу вака големи држави, кои се значајни за Европа и за светот, тоа значи дека целата светска економија ќе трпи од случувањата. Ние сме блиску до регионот, иако можеби економски не сме толку многу поврзани, сепак, зависиме од увозот на енергенти од тие земји и сме дел од Европа, поради што сметам дека ќе имаме изразени последици – вели професорот Узунов.
Тој објаснува дека најзначаен факт што неминовно води кон влошување на светската економија, но и врз домашната е зависноста од енергенти и укажува дека земјите се меѓу најголемите извозници.

– Прво, овие две земји се богати со енергенти и се големи извозници на енергенти во Европа и нашиот регион и последиците може да бидат големи. Веќе гледаме дека цените на енергентите растат, и ако не се запре брзо кризата, тоа ќе си остане така еден продолжен период. Да се молиме да заврши побрзо војната, друго не можеме. Второ, овие две држави се големи извозници на суровини, на ресурси, и тоа ќе има влијание врз покачување на цените, бидејќи тие се влезни цени, влезни материјали – трошоци во голем број производи и услуги, и тоа ќе се одрази неминовно врз цените на голем број производи. Трето, тие се дел од оние бизнис-синџири во производството на голем број компании, па поради тоа ќе се одрази и врз производството на многу глобални компании. Ќе предизвика свртување на трговските текови, преселба на капиталот, особено ако потрае, поради што последиците сигурно ќе бидат големи. За оние што нема да се приспособат, последиците може да бидат и страшни, додека за оние што ќе успеат брзо да се приспособат или оние што успеале навреме да ги предвидат, може да биде и можност да направат големи пари, што е редовна појава кога имаме кризи – објаснува професорот.
Узунов дополнително укажува дека врз Македонија најголемо влијание ќе има енергијата. Тој посочува дека како мала економија, која нема голем број извори на енергија, увозот на енергентите во земјава претставува голем влезен трошок.
– Со покачувањето на цените на енергентите, што беше случај изминатиов период, нашите трошоци се зголемуваат. Владата веќе интервенира, но доколку не заврши војната наскоро, енергентите уште повеќе ќе поскапуваат, а нашите трошоци ќе се зголемуваат. За просечниот граѓанин на нашата земја поголема е веројатноста дека животниот стандард ќе се влоши поради случувањата во Украина. Единствено што може да се надеваме е тој удар да не е биде многу голем. Владата може и треба да презема мерки за да го ублажи ударот, но она што ме плаши е што просторот за интервенции е многу ограничен. Оваа криза доаѓа по двегодишната здравствена криза, па следуваше и економската криза, при што Владата цело време дејствуваше со разни пакет мерки, поради што ресурсите на Владата за дејствување се мали. Дополнително, и задолженоста порасна, можностите за задолжување се ограничени, а дополнително во услови на војна не се позајмува од странство, бидејќи каматите ќе бидат високи. Да се намалуваат давачки, во смисла на акцизи, за да не растат цените на крајните производи исто така сметам дека не може да се прави, бидејќи е потребно буџетот да се полни, за да се сервисираат редовните обврски на државата. Тука мерките се ограничени, но Владата мора добро да обработи на полето на макрофинансиската стабилност, за да спречи да дојде до хиперинфлација. Има начини како се прави тоа. Ако дојде до голем раст на цените, ние треба да прифатиме дека ќе има рестриктивна монетарната политика, што ќе води кон раст на цените на кредитите… – објаснува Узунов.
Од институтот за економски истражувања и политики „Фајненс тинк“ велат дека нашата држава е изложена на ограничени и главно незначајни економски ризици поради ниската трговска поврзаност со Русија и Украина, како и опаѓачките тенденции на странските директни инвестиции од Русија во последните неколку години.

– Учеството на увозот и извозот со Украина и Русија во вкупниот увоз и извоз на Македонија е во континуиран пад од 7,1 отсто во 2000 година до 2,2 отсто во 2013-та, за потоа да падне под 2 отсто, а во 2019 година изнесува 1,8 отсто. Структурно, најголем дел од увозот од Украина вклучува увоз на метали (над 80 отсто), додека извозот кон Украина се состои главно од хемиски материјали и електронска опрема (над 60 отсто) – појаснуваат од „Фајненс тинк“.
Дополнително, оттаму додаваат дека странските директни инвестиции од Русија бележат опаѓачки тренд и акумулираните СДИ како удел во БДП изнесуваат 30,3 отсто во 2020 година (пад од 9,4 отсто во таа година). Според ова, санкциите кон Русија, кон кои потенцијално ќе се придружи и Македонија, ќе имаат лимитиран ефект врз македонската економија.
– Со оглед дека Русија е извозник на метали (никел, алуминиум, паладиум и др.), нарушувањето на снабдувањето се одразува врз нивните цени, што се надоврзува на проблемот со отежнатите синџири на снабдување како последица на ребалансирањето по пандемијата. Слично, Русија и Украина се извозници на житарки и сврзани добра, чии цени веќе беа под нагорен притисок. Врз цените на храната, преносните ефекти веќе во одредена мера постоеја и поради порастот на цените на енергентите. Оттука, краткорочниот економски ефект што индиректно е важен за нашата земја се притисоците врз цените кај споменатите производствени групи, кои ќе постојат и со веројатност да се интензивираат – нагласуваат од институтот.
Според нив, пошироките индиректни економски ефекти од новонастанатата ситуација зависат од интензитетот, обемот и траењето на нападот и воените дејства во Украина, како и од обемот и интензитетот на наметнатите санкции врз Русија од другите меѓународни чинители.
– Сето тоа врши надолен и значаен притисок врз изгледите за растот на европскиот континент, но и глобално. Македонија е високозависна од европската економија, поради што падот на надворешната побарувачка неповолно ќе се одрази врз забавување на растот на БДП, а во услови на нагорни притисоци врз цените – укажуваат од „Фајненс тинк“.
Академикот и универзитетски професор Абдулменаф Беџети смета дека руско-украинската криза, покрај другите негативни аспекти, го најде светот економски многу послаб, па дури и со потрошен потенцијал и со многу помал фискален простор.

– Сега, во случајот со нашата земја, економското влијание ќе биде значајно и сето тоа зависи од натамошната ескалација на ситуацијата. Економската структура на Македонија е многу зависна од ресурсите што доаѓаат од овој регион. Македонија има енергетски и прехранбен биланс (основни житни култури) што е избалансиран со околу 40 отсто од годишниот увоз. Од околу 6,5 потребни теравати годишно, Македонија едвај произведува 4 теравати, додека прехранбениот биланс на основните житни култури балансира и со увоз над 40 отсто годишно. Значи, само овие две компоненти ќе имаат доволно влијание врз економијата на земјата, бидејќи и двете имаат висок верижен ефект во другите економски гранки. Кога на ова ќе се додаде увозот на челик што влијае на градбата, ефектот ќе биде уште поголем – потенцира Беџети.


Природните богатства и ресурси на Украина

Украина е втора по големина земја во Европа по површина и има население од над 43 милиони луѓе. Земјата располага го големи резерви на повеќе типови руда, но наедно е и важен земјоделски производител и извозник

Прва во Европа со докажани резерви на ураниумска руда.
Второ место во Европа и 10-то во светот според резервите на титаниум.
Второ место во светот во однос на истражените резерви на манганска руда (2,3 милијарди тони, или 12 отсто од светските резерви).
Втора по најголеми светски резерви на железна руда (30 милијарди тони).
Второ место во Европа во однос на резервите на жива руда.
Трето место во Европа (13-то место во светот) по резерви на гас од шкрилци (22 трилиони кубни метри).
Четврто место во светот според вкупната вредност на природните ресурси.
Седмо место во светот во однос на резервите на јаглен (33,9 милијарди тони).
Прва во Европа по обработливо земјиште.
Прво место во светот во однос на извозот на сончоглед и сончогледово масло.
Второ место во светот во производството на јачмен и четврто место во извоз на јачмен.
Трет најголемиот производител и четврти најголем извозник на пченка во светот.
Четврти најголем светски производител на компири.
Петти најголемиот светски производител на ‘рж.
Прва во Европа со производство на амонијак.
Трет најголем извозник на железо во светот.


Природните богатства и ресурси на Русија

Русија е најголемата земја во светот, со околу 11,5 отсто од вкупната светска површина, покривајќи речиси двапати поголема територија од Канада, Кина или САД. Русија има население од околу 144 милиони жители. Природните богатства на Русија со кои располага се делат на индустриски, земјоделски, енергетски. Природното богатство на Русија вклучува голем број наоѓалишта на важни ресурси, како нафта, јаглен, природен гас. Исто така, активно се извлекуваат калај, алуминиум, злато, никел, платина, мика и многу други материјали.

Прво место во светот по извоз на природен гас.
Второ место по производство на природен гас.
Второ место по производство и извоз на нафта.
Шесто место по резерви на нафта.
Трето место во светот по количество на јаглен.
Големо производство на тресет, шкрилци, железна руда.
Шесто место во производство на злато.
Прво место во светот според производство и преработка на дијаманти.
Шесто место по резерви на калај.
Прво место по резерви на сребро.
Прво место по резерви на дрво.


Учеството на извозот на Русија во светското производство

45 % паладиум
15 % платина
9,2 % злато
8,4% нафта
6,2 % гас
5,3 % никел
5,0 % пченица
4,2 % алуминиум
3,5 % јаглен
3,3 % бакар
2,1 % сребро

 

Автори: Петранка Огнаноска Катерина Михајлова