Фото: МИА

Дополнително ќе се прецизираат количините пченица што треба да ги увеземе од Бугарија, откако ќе се увидат потребите на домашната мелничка индустрија, рече денеска владиниот портпарол Душко Арсовски. Во однос на српското жито, пак, како што истакна Арсовски, земјава деновиве очекува да биде крената „рампата“ за извоз.

– Во рамки на министерската конференција во Берлин со министерот за земјоделство на Република Бугарија Иван Иванов е договорено да се обезбеди пченица од Бугарија за Северна Македонија. Дополнително ќе се прецизираат откако ќе се увидат потребите на домашната мелничка индустрија – информира Арсовски на прес-конференција, одговорајќи на новинарско прашања.

Во однос на увозот на пченица од Република Србија, ресорните министри од двете држави, рече, се во постојана комуникација.

-Со оглед дека во Република Србија имаше избори, очекуваме деновиве српската Влада да ја укине забраната за Северна Македонија за извоз на пченица, пченка, брашно и масло за јадење. На состанокот што неодамна го имаше министерот Николовски со потпретседателот на српската Влада Недимовиќ, договорено е испораката на договорените количини меѓу економските партнери од двете земји да бидат реализирани. Овие количини се обезбедуваат за да се одржи стабилноста на пазарот до почетокот на жетвата, подвлече портпаролот на Владата.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски доцна синоќа на својот фејсбук профил соопшти дека е договорен увоз на пченица и од Бугарија.

-Доцна вечерва би сакал да ја соопштам и оваа позитивна вест директно од овде, од Берлин. Со мојот колега, министерот за земјоделство на Република Бугарија, Иван Иванов, договоривме дека од Република Бугарија ќе обезбедиме дополнителни количества на пченица. Заедно со нашите соседи на ваков начин градиме вистинско добрососедство и сплотени многу полесно ќе ја пребродиме и ќе се справиме со постоечката криза, напиша Николовски, без да прецизира за колкави количини пченица станува збор.