Македонија веќе втора година по ред ја надминува таканаречената психолошка граница од над 60 отсто на јавен долг. Во 2022 година, во согласност со проекциите за буџетскиот дефицит од 545 милиони евра, ќе има повторно зголемување на јавниот долг. Висината од 60 отсто од БДП на јавниот долг не е само психолошка граница туку и формална, според Мастришките и Копенхашките критериуми на Европската Унија, која и сама (освен одделни земји, како Германија на пример) не ги почитува. Сепак, според економските експерти, не е најважно кои се формалните критериуми, туку кои се оптималните економски критериуми

Корелацијата на јавниот долг и економскиот раст

Психолошкиот праг од над 60 отсто на јавен долг во БДП веќе втора година по ред е поминат во домашната економија. Во 2022 година, во согласност со проекциите за буџетскиот дефицит од 545 милиони евра, ќе има повторно зголемување на јавниот долг. Според среднорочната фискална стратегија, Министерството за финансии предупредува на зголемување на јавниот долг во наредните години и намалување под прагот од 60 отсто од БДП дури во 2025 година. Но дали ќе се стабилизира на пониско ниво е под знак прашалник во услови кога влегуваме во период на стагфлација, т.е низок раст на БДП и инфлација, кога на повидок немаме навремена фискална консолидација и кога буџетските средства во последните години не се трошат за капитални проекти што создаваат нова вредност и не стимулираат раст.
Академикот и универзитетски професор Абдулменф Беџети вели дека висината од 60 отсто од БДП на јавниот долг не е само психолошка граница туку и формална, според Мастришките и Копенхашките критериуми на Европската Унија, која и сама (освен одделни земји, како Германија на пример) не ги почитува, но не е најважно кои се формалните критериуми туку кои се оптималните економски критериуми.
– Прво, растот на јавниот долг во последните две години не е карактеристика само на нашата земја туку речиси во целиот свет, а особено во ЕУ. Нашиот долг растел дури под просечната стапка на ЕУ за овие две години. Ако се гледа во причините како настана ваков интензивен раст на БДП, тогаш сета оваа состојба е оправдана, прво ковид-мерките, а сега и воената криза во Украина и увозната инфлација – смета Беџети.
Според него, нивото на јавниот долг пред 2019 година од 48 отсто од БДП не може да се достигне на среден рок, на четири-пет години, но можеби за десетина години.

– Проекциите во 2021 година беа дури при крајот од 2022-та да се стабилизира на околу 60 отсто, за да може потоа стапката на економскиот раст да биде поголема од стапката на раст на долгот и во 2025 година да се постигне на околу 55 отсто и мислам дека проекциите беа реални во нормални времиња. Откако ескалира војната во Украина, сите овие проекции се нарушија. Што е најлошо, и никој не знае ниту може да проектира каде е крајот. Некои економисти сметаат дека и не е многу важна висината на долгот, но внимателните економисти, помеѓу кои припаѓам и јас, сметаме дека е поважно зошто расте јавниот долг -дали е за продуктивни инвестиции или, пак, за плати и пензии (а за барокни фасади и да не зборуваме), кои се ефективноста и економската оправданост на долгот, како и која е цената на долгот, кои се изворите, што предизвикува, дали го кочи растот и слично, отколку само колкава е висината. Јапонија постојано расте во висина на долг од околу 200 отсто од БДП, но ние сме далеку од овие оправдувања – објаснува Беџети.
Тој споменува дека научните анализи од МАНУ за корелацијата на висината на долгот и економскиот раст покажуваат дека оптималната граница на јавниот долг во условите на нашата држава се движи помеѓу 54 и 56 отсто, до тоа ниво стапката на долгот не влијае негативно во стапката на раст, над тоа таа корелација е негативна.
– Сметам дека евентуалната состојба на стагфлација во наши услови може да биде и причина повеќе за да се внимава за висината на долгот, а не обратно – додава професорот.
Поранешниот гувернер Петар Гошев истакна дека границата од 60 отсто е можеби оптимална за земји што се дел од Европската Унија, но за Македонија тоа е висока граница, досега сите укажувања беа дека нашиот јавен долг најоптимално треба да го држиме во граница од 45 до 50 проценти од БДП.

– Разбирливо беше што државата мораше да се задолжи поради кризата што се наметна, но клучното прашање е како се трошеа тие средства. Прв проблем беше што јавниот долг во време на претходната гарнитура ни порасна на 50 отсто, за инвестиции што не ја подобрија економијата. Иако сега поради пандемијата, која е уште полоша криза од финансиската, бидејќи имавме забрана за движење, што придонесува за намалување на економската активност на луѓето, задолжувањето беше неопходно. Можеби да не беше пандемијата немаше да се задолжиме вака многу. Сепак, клучно прашање е колкав дел од приливите на државата се одвојува за враќање на долговите – споменува Гошев.
Тој потенцира дека е очекувано долговите да се враќаат со нови заеми, но додава дека тоа не е толку страшно, туку дали расте економијата, а со неа и приливите во државата каса со кои ќе се сервисираат обврските.
– Руската инвазија врз Украина индиректно ќе ја погоди и македонската економија, но државата нема многу механизми да се спротивстави на тоа. Шоковите се надворешни, а капацитетот за амортизација на ударите е потрошен во време кога не морало да се прави тоа. Ако економската активности опаѓа, а има нефлексибилни расходи во буџетот на републиката, требаат дополнителни пари, дополнителни извори. Тие дополнителни извори може да се набават само преку позајмување. И поради кризите, но и поради домашните неодговорности, јавниот долг се искачи над 60 проценти – укажува Гошев.