Фото: Маја Јаневска-Илиева

Населението треба да се потруди и самото да си го зачува животниот стандард. Треба да се премине на порационално трошење на тешко заработените приходи, а тоа значи да се размисли на што им „бегаат“ парите и тие трошоци да се анулираат или барем да се минимизираат

Речиси и нема земја во светот што не се соочува со зголемена инфлација во оваа економска криза, а проблем се, пред сè, граѓаните, кои сега треба да се „снајдат“ со повисоките цени на основните производи и услуги. Зголемените цени на храната, горивата и струјата се сè поголем товар за македонските домаќинства.
Огромната инфлација што нè демне извесен период и економската и енергетска криза со која се соочуваме нè принудува да се обидуваме да штедиме при купување, но и да внимаваме колку електрична енергија трошиме.
Кај нас, синдикалната минимална кошница за една година е зголемена за 5.498 денари, односно за 16 отсто. Прашањето е како граѓаните да заштедат и како да се соочат со високите цени на производите и услугите?
Без добро организиран буџет за домаќинството и внимателно планирани набавки, тешко е да се дочека крајот на месецот, бидејќи голем дел од буџетот се троши на преживување, односно на храна, превоз и домување. Сè друго сега изгледа како луксуз, а општиот страв од дополнително зголемување на цените сè повеќе расте.
Во таква атмосфера, неопходно е да се прибегне кон заштеда. Хрватски аналитичари велат дека треба да се започне со штедење преку она без кое можеме да преживееме – сите мали луксузи, а тоа се патувања, одење во ресторани или нарачување храна, потоа следува минимизирање на трошоците за гардероба затоа што, секако, имаме облека и чевли што сè уште можат да служат за одредена цел. Тие велат дека купувањето поголеми пакувања производи заштедува пари, без разлика дали станува збор за поголемо пакување шампон, прашок за перење или пакување тоалетна хартија. Предупредуваат и на внимателно разгледување на цената на производот, да не се купува набрзина и да се истражат сите опции, за да се одбере пониската цена. Хрватските аналитичари споменуваат дека треба да се следат сите акции и попусти, така може многу да заштедат граѓаните.
Како што истакнува економскиот аналитичар Здравко Савески за „Нова Македонија“, во летните месеци обично се намалуваат трошоците за живот, а тоа се случува и оваа година и тоа, додава тој, многумина го сфатија како показател дека најлошото помина и се вратија на своите стари потрошувачки навики.

– Но сите економски индикатори покажуваат дека ова е само кратко здивнување пред да почне најлошото од инфлацијата и можната економска криза. Инфлацијата носи осиромашување, а економската криза може да донесе губење на работните места и активирање на банкарските хипотеки, со оглед на тоа што кај нас е висока задолженоста на многумина кај банките. Несомнено е дека власта треба да преземе мерки. Таа недоволно го прави тоа, за што сведочи наглото укинување на речиси сите антиинфлаторни мерки во јуни. Но граѓаните треба да се потрудат и самите да си го зачуваат животниот стандард. Треба да преминат на порационално трошење на своите тешко заработени приходи. Тоа значи да размислат на што им „бегаат“ парите и тие трошоци да ги анулираат или барем да ги минимизираат – потенцира Савески.
Тој нагласува дека треба да се размислува околу поевтините алтернативи, особено околу превозот, користејќи велосипеди и јавен превоз наместо индивидуални автомобили.

– Треба да се избегнат таканареченото импулсивно купување и рекреативниот шопинг, при што се трошат пари на разни непотребни работи. Има еден класичен совет за купување во маркети. Да се направи од дома список на производи што се најпотребни и да се придржува до него во маркетот. Така ќе се избегне непотребно трошење пари на производи што не се потребни, а исто така ќе се заштеди и на време, бидејќи нема повторно да одите во маркет за нешто што сте изумиле да го купите. Исклучително е важно да се избегне фрлањето храна (што значи и фрлање пари, настрана сето друго), да не се подигаат нови кредити, освен ако не е тоа крајно неопходно, а исто така и да се работи на стекнување поголема отпорност кон маркетиншката пропаганда, која им ги „зема“ парите од џебовите на луѓето – укажува Савески.