Започна 29-от бизнис-форум „Копаоник“

Светската банка очекува пад на економската активност во регионот на Западен Балкан поради случувањата во Украина. Оваа меѓународна финансиска институција, најверојатно, ќе ја промени прогнозата за економските движења и ќе излезе со нови процени за економскиот раст во април. Ова беше соопштено на вчерашното отворање на бизнис-форумот „Копаоник“, кој ќе трае до 9 март.
Нултиот ден на 29-от бизнис-форум „Копаоник“ започна со панел за економските случувања во Западен Балкан, на кој се разговараше за економијата на Западен Балкан, состојбата во земјите, како и за најновите случувања поврзани со пандемијата и воената агресија врз Украина и финансиските текови.
Јасмин Чакери, менаџер на Секторот за макроекономија, трговија и инвестиции при Светската банка, на отворањето на бизнис-форумот рече дека војната во Украина ќе има најголемо влијание врз цените на енергентите, пред сѐ гасот од Русија, како и на зголемената инфлација.
– Се очекува храната да поскапи, а не е исклучено тоа да се одрази негативно и на инвестициите – посочи Чакери и додаде дека се очекува пад на економските активности во регионот.
Домашните експерти потенцираат дека воените случувања значајно ги менуваат состојбите во економиите и потенцираат дека има повеќе начини на кои војната може да ги влоши состојбите и во Македонија.

– Инвазијата на Русија врз Украина ќе доведе до економска криза, но колкава ќе биде сѐ уште не се знае и не може да се предвиди, бидејќи не се знае колку ќе трае војната во Украина и како ќе се одвива понатаму, дали ќе ескалира или не. Дури и да остане како што е сега, ќе има влијание врз европската и нашата економија. Има неколку канали преку кои ќе се пренесува кризата. Првиот канал е преку цените, сите гледаме дека цените на нафтата и на гасот веќе експлодираа и тие ќе извршат силен притисок и ќе предизвикаат инфлација. Ова ќе влијае врз дефицитот, кој уште повеќе ќе се зголеми. И Македонија како увозник на нафтени деривати ќе забележи раст на дефицитот и тоа ќе влијае врз економијата. Вториот канал на влијание на ова случување е преку намалената економска активност во ЕУ. Русија и Украина опфаќаат значаен дел од светскиот БДП. Со забавувањето на БДП во Русија ќе забави и БДП во ЕУ, а тоа, секако, ќе се одрази и во Македонија, бидејќи нашата земја најмногу соработува со ЕУ. Третиот канал е преку финансиските пазари, а четвртиот преку покачувањето на каматните стапки. Поради овие случувања ќе се покачат каматните стапки на задолжувањата во странство и тоа ќе значи раст на долговите на земјите во развој што ќе решат да позајмуваат – посочува професорот Бранимир Јовановиќ од Виенскиот институт.
Тој посочува дека кризата може и подолг период да влијае врз светската и домашната економија и може да ги назади економиите во регионот и во ЕУ.
– Оваа криза, покрај краткорочните импликации, може да има и среднорочни импликации и може да доведе до стагфлација, тоа е кога имате стагнација на економскиот раст и инфлација во исто време. Такво нешто имаше на крајот на 70-тите години и почетокот на 80-тите години. И тогаш имавме слични ситуации, кога рипнаа цените на нафтените деривати и имаше воени конфликти. Сегашните случувања може да доведат до тоа економскиот раст да е забавен во следните пет-десет години, на околу нула отсто, а инфлацијата да биде со поизразени стапки, околу 5 проценти – вели Јовановиќ.
Дека воениот конфликт значително ги наруши економските планови и проекции потврдуваат и од институтот за економски истражувања и политики „Фајненс тинк“, од каде што потенцираат дека неизвесноста е премногу силна за да се остварат претходно дадените проекции за раст на економијата.

– Неизвесноста во економијата се засили на почетокот на 2022 година, како резултат на зголемените притисоци од цените на храната и енергијата на глобално ниво. Притисоците врз цените и изгледите за растот дополнително се влошија со инвазијата на Руската Федерација врз Украина на 24 февруари 2022 г. Во услови на неизвесност околу времетраењето и интензитетот на руско-украинскиот конфликт, како и околу можните ефекти од наметнатите санкции врз Руската Федерација за пазарите на енергенти, изгледите за растот на македонската економија во 2022 г. се изразено надолни, односно претходната проекција за 2022 г. од 4 отсто станува нереална во новите околности – посочуваат од „Фајненс тинк“, а нова прогноза за растот ќе објават во јуни 2022 година.
Јулија Устјугов, шефица на Канцеларијата на ММФ во Србија, посочи дека, за жал, светските економии се соочуваат со нови несигурности поради војната во Украина, кои се прелеваат од една во друга земја. Таа посочи дека поскапеле стоките и нафтата, како и дека високата инфлација најмногу ги загрозува сиромашните. Препорача следниот период добро да се дефинираат мерките за помош на најранливите категории на населението, бидејќи, како што вели, несигурноста ќе расте доколку не ги прифатиме ризиците на вистински начин.
Бизнис-форумот „Копаоник“ годинава се одржува под слоганот „Србија 2030: Агенда за одржлив развој“, поаѓајќи од фактот оти Србија учествуваше во изготвувањето на Агендата за 2030 година, која беше усвоена во Собранието на ОН, и дека заедно со другите земји потписнички се обврза да ги исполни дефинираните цели.
На панелот со наслов „Регионалната соработка како предуслов за одржлив раст“ на 29-от бизнис-форум „Копаоник“ ќе учествува и Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Северна Македонија и копретседател на Коморскиот инвестициски форум, заедно со претседателите на коморите од регионот на Западен Балкан. Важноста на регионалниот економски развој ќе биде тема и на повеќе други панел-дискусии, на кои ќе се говори и за прогнозите за економските трендови за Западен Балкан во услови на сѐ уште актуелна светска криза предизвикана од коронавирусот, но и ефектите од енергетската и финансиската криза што следуваа, како и најновите случувања во Украина.