Фото: Маја Јаневска-Илиева

Советодавните услуги, особено во тесно специјализираните области, стануваат сѐ побарани во развиените земји, додека низ регионот оваа дејност допрва ќе се развива

Иако честопати ги нарекуваат продавачи на магла што скапо наплаќаат за своите услуги, сепак современите бизниси се незамисливи без нив. Консултантите стануваат сѐ поприсутни во земјава, иако нивната активност во регионот е далeку поголема, а низ развиените земји тие се одамна присутни и широко распространети. Експертите велат дека допрва може да се очекува поголема побарувачка за консултантите во земјите што сѐ уште се развиваат.

– Компаниите сѐ повеќе ги согледуваат потребата и придобивките од користење консултантски услуги, бидејќи е факт дека многу од нив не можат да бидат стручни во секоја област. Кај нас има две категории компании, едната од нив лесно ги прифаќа консултантите и тоа го практикуваат корпорациите што сакаат да напредуваат. Најчесто консултантите се бараат за финансиски совети, за човечки капитал и за освојување нови пазар – вели Миле Бошков, претседател на Бизнис-конфедерацијата на Македонија.

Што се однесува, пак, до малите и до средните претпријатија, Бошков истакнува дека повеќето се во услужните и во трговските дејности, и дека поради недостиг од финансии, тие не користат секогаш консултантски услуги.

– За жал, некои од компаниите завршуваат неславно, бидејќи некогаш иако газдите имаат идеи, сепак не се упатени во секој домен и потребно е да користат советодавни услуги – истакна Бошков.
Тој додава дека искористувањето на средствата од ИПАРД или од другите европски фондови се прави исклучиво преку консултантски фирми, бидејќи за нив е потребна обемна документација, која е и доста комплицирана за да може една фирма сама да ја исполни ако не е стручна во областа.

Што се однесува, пак, до состојбите во регионот, медиумите посочуваат дека консултантските компании се значително повеќебројни и пошироко распространети во земјите-членки на Европската Унија, но сепак има простор за поголемо искористување на нивните услуги и за нивен поголем раст. Интересен е примерот на Хрватска.
– Кога станува збор за консултантите, постојат три насоки во кои во иднина ќе се развива оваа активност во Хрватска. Прв правец што ќе се развива, а кој е поврзан со давање советодавни услуги, е поврзаноста со фондовите на ЕУ и со нивната употреба. Овој сегмент на консултантски услуги во Хрватска најмногу се разви во последните години и првенствено е поврзан со поголемо повлекување средства од фондовите на Унијата – вели Дамир Новотни, економски аналитичар.
Тој додава дека друга насока на развој на консултантските компании е во стратегиско советување на локалните единици во развојот на постиндустриско, дигитално општество. Овие проекти се познати како „Смарт сити“ (Паметен град) и „Смарт вилиџ“ (Паметни села).

– Овде не се мисли само на развојот на ИТ-секторот и на услугите, туку на многу поширока слика, која обезбедува паметни решенија за развој и раст на локалните средини под нови услови – објаснува Новотни.
Последен сегмент каде што, според познавачите, е иднината на консултантските услуги поточно идниот потенцијал за развој на консултантски компании, е инвестицискиот сегмент. Во основа, додава тој, станува збор за понуда на нов деловен модел за компанијата, што е делумно поврзано со дигиталната трансформација.
Иако, според познавачите, пазарот на консултантски услуги постојано расте, сè уште има простор за натамошен раст и развој.

– Споредено со другите земји, нашиот консултантски сектор не расте доволно брзо и неговото учество во БДП е многу пониско отколку во земјите на ЕУ. Причините за ова се недостиг од разбирање на услугите што ги даваат консултантите и придобивките за клиентите или за компаниите што ги ангажираат, како и негативната перцепција на консултантите во јавноста – посочува Мирјана Самадриќ Новоселец и додава дека консултантските фирми во Хрватска се карактеризираат со мал број вработени. Просечната хрватска консултантска фирма вработува само едно или две лица.
Консултантската индустрија се менува брзо и стабилно, што е од суштинско значење за да им помогнат на клиентите да ги задоволат предизвиците на дигиталната доба.


Регионалниот пазар предизвик за компаниите од Хрватска

Пазарите на земјите од Западен Балкан претставуваат голем предизвик за хрватските консултанти. Тие се земји што сè уште не се во ЕУ, но бараат членство во клубот.
За хрватските консултанти, освен тоа што Хрватска е членка на ЕУ, географската близина, сличноста на јазиците, културата и обичаите претставуваат предност при евентуално ангажирање во компаниите од регионот.
– Нашите консултантски компании имаат поголемо знаење и искуство од тамошните. Хрватска може да биде скалило за обезбедување консултантски услуги на овие пазари – истакнува Дамир Новотни, економски аналитичар.