Kвалитетно стручно образование за младите и нивно вработување

183

Реформирање на системот за развој на стручни вештини и стекнување квалитетно стручно образование за младите од 15 до 29 години, што ќе придонесе за нивно вработување, е целта на десетгодишниот проект „Образование за вработување во Македонија“ (Е4Е@mk) на Амбасадата на Швајцарија во Македонија.
Швајцарската амбасадорка Сибил Сутер Техада рече дека проектот ќе има буџет 12,5 милиони евра и очекуваат да даде значаен придонес кон целта на Владата за реформа на системот за развој на стручни вештини.
– Крајната цел е млади да добијат работно место. Во првите четири години од проектот очекуваме 2.250 млади да бидат вработени, а следните години да се зголеми бројката – додаде Сутер Техада.

Тим-лидерот на проектот од швајцарската невладина организација „Хелветас“, Курт Вутрих, рече дека посебен фокус им се посветува на младите што се соочуваат со тешкотии при пристапување кон пазарот на трудот, како што се лицата со хендикеп…
Билјана Пеева Ѓуриќ, в.д. извршна директорка на Стопанската комора на Македонија, рече дека со години укажувале дека има проблем со недостиг од квалификувана работна сила во земјата. Истакна дека во согласност со статистичките податоци кај младата популација, невработеноста изнесува 44 проценти.
– Вработеноста на младата популација до 24 години е 17,5 проценти во првиот квартал од годинава. Треба да се преземат сериозни чекори за да се промени ваквата слика. Имаме намалување на продуктивноста на трудот, а имаме зголемување на трошоците за труд по единица производ. Тоа укажува на неповолни трендови што се однесуваат на бизнис-заедницата – рече Пеева Ѓуриќ.
Таа додаде дека е потребна дополнителна флексибилност на наставните програми, а воведувањето на овој дуален модел на средно стручно образование ќе помогне во таа насока.