Фото: Маја Јаневска-Илиева

Вкупната вредност на извозот на стоки од земјава во периодот јануари – април годинава, изнесува 2.622.000.000 евра и бележи пораст од 15,1 проценти во однос на истиот период лани, соопшти Државниот завод за статистика.

Вредноста на увeзената стока, во истиот период, е 3.922.662.000 евра, што е за 27,3 проценти повеќе во споредба со претходната година.

Трговскиот дефицит, во периодот јануари – април 2022 година, изнесува 1.300.662.000 евра. Покриеноста на увозот со извоз, во периодот јануари – април 2022, изнесува 66,8 %.

Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, фероникелот и деловите на седишта. Во увозот најмногу се застапени нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали, освен сурови, другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав, електричната енергија и благородни метали во колоидна состојба; соединенија, органски или неоргански, од благородни метали, хемиски дефинирани или недефинирани; амалгами од благородни метали.

Во периодот јануари – април 2022 година, според вкупниот обем на надворешнотрговската размена, Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Грција, Бугарија и Србија.