Фото: Игор Бансколиев

Последните статистички податоци и анализи покажуваат намалување на бројот на работници во повеќе индустриски сектори и трудоинтензивни дејности. Каде заминуваат овие работници и како да се стабилизира пазарот на трудот?

СТАТИСТИКАТА РЕГИСТРИРА НЕПОВОЛНИ ТРЕНДОВИ ВО ДОМАШНАТА ЕКОНОМИЈА

Бројот на работници во трудоинтензивните дејности продолжува да се намалува, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика. Истовремено се забележува и намалување на стапката на невработеност. Последните податоци на ДЗС велат дека во 2020 година сме имале 950.858 активни граѓани на пазарот на трудот, од кои вработени 794.909, додека невработени 155.949 граѓани.

Веќе во 2021 година имаме намалување на вкупното активно население на 943.004, а од нив вработени се 795.087 граѓани, додека невработени 147.917. Бројките што ги објавува нашата статистичка служба исто така покажуваат дека имаме промени и во опфатот на вработените граѓани во дејностите што важат за најголеми работодавци. Имаме намалување на бројот на работници во преработувачката индустрија, во текстилната индустрија, но и во кожарството, рударството и во секторот енергетика. Иако постоеше оптимизам дека оваа година ќе започне постпандемиското закрепнување и полека економијата ќе се враќа на старите патеки, сепак, случувањата во Украина ги променија овие проекции. Поради влијанието на пандемијата и проблемите што се наметнаа по неа, најмногу на удар се трудоинтензивните дејности, од каде што има најголемо намалување на бројот на работници. За тоа каде заминуваат овие работници, но и како да се стабилизира пазарот на трудот разговаравме со бизнисмени и со економисти, кои даваат свое видување на проблемот.

– Намалувањето на бројот на работници во некои индустриски сектори е изразито, и тоа зборува за падот на конкурентноста на овие дејности на меѓународните пазари. Така, падот на бројот на вработени во јануари 2022 година во однос на просекот во 2015 година во вкупната индустрија е 1,7 отсто, но во производството на облека изнесува 34,2 проценти, во производството на кожа и чевли дури 58 отсто, во преработката на дрво изнесува 11,3 проценти и во производството на неметали изнесува 11,1 отсто. Фактот што во вкупната индустрија падот на бројот на вработени е само 1,7 процент зборува дека дел од овие вработени се преместиле во други дејности, но во најчест случај заминувањето на вработените од трудоинтензивните дејности во пензија не се дополнува со млади работници, туку младите бараат други дејности со полесна работа и повисоки плати или заминуваат во странство – објаснува Ангел Димитров, претседател на Собранието на Организацијата на работодавци на Македонија. Тој дополнува дека со растот на минималецот се намалува конкурентноста на дел од домашните компании и предлага мерки со кои би се спречил брз пад на овие сектори, за да не се случи повозрасни групи граѓани да останат без работа поради затворање на компаниите.

– Очигледно е дека наглото зголемување на минималната плата влијаеше на намалувањето на конкурентската способност на нашите трудоинтензивни дејности што не можеа да ја издржат конкуренцијата со компаниите од Далечниот Исток и кои имаат значително пониски плати. Владата треба да обезбеди механизам овие компании да не доживеат многу брз пад, затоа што голем број работници во поодминати години ќе станат невработени. Овие работници, поради староста, но и ниското ниво на образование, не можат да се преквалификуваат за некои пософистицирани работни места. Помошта може да биде во вид на намалувања на данокот и придонесите од плата, за да можат работниците да добијат повисоки плати, а бруто-платата и трошоците за вработените да не се зголемуваат – посочува Димитров.

Од друга страна, економистите укажуваат дека промените што се регистрираат кај Државниот завод за статистика се резултат на кризата, која најпрво започна со пандемијата и се прошири во повеќе области.

– Иако невработеноста се намали, вработеноста не порасна. Во декември 2021 година, во однос на декември 2020 година, бројот на вработени има пад од 3,2 проценти. Најголемо опаѓање има во секторот рударство и вадење камен, од 6,2 проценти, а најголем пораст има кај трајни производи за широка потрошувачка, за 4,1 проценти. Кај преработувачката индустрија постојат поголеми разлики. Најголемо опаѓање на работници има во производството на текстил и производството на облека, до 12 проценти. Ваквите разлики ги отсликуваат негативните ефекти од ковид-пандемијата, а оние сектори и индустрии што беа на посилен удар имаат поголем пад на работници. Севкупно, ваквата состојба упатува на присуство на неизвесност и воздржаност од страна на бизнис-секторот за нови вработувања, што довело до стагнација или мал пад на бројот на работници – објаснува Благица Петрески, главна економистка во Центарот за економски истражувања и политики „Фајненс тинк“.

Првиот човек на агенцијата за привремени вработувања „Партнер“, Раде Ненадиќ, посочува дека трендот на намалување на бројот на работници во индустријата не е нов и дека е карактеристичен за сектори каде што работниците се слабо платени.

– Со години се намалува бројот на работници во преработувачката и во текстилната индустрија, па и во угостителството, и нормално е да има пад, бидејќи тие работници работат трудоинтензивни дејности и притоа се најслабо платени, а се работи и на стари машини, нема инвестиции. Тоа се дејности во кои, како и секаде во светот, се стои на нозе, квалификациите се многу мали и платите исто така. Сепак, не значи дека треба да се откажеме од овие дејности, туку и понатаму е потребно да се вложува и напредува, особено во преработувачката индустрија, која има можности да обезбеди преработки на свежи земјоделски продукти и да им даде трајност и повисока вредност. Основен проблем поради кој бегаат работниците се платите и тие ги демотивираат луѓето. Сепак, намалувањето на бројот на работници во овие сектори не значи дека сите заминале да работат подобро платена дејност, бидејќи не сите имаат можност да вложат во подобрување на стручноста, туку поголема е веројатноста дека некои заминале во пензија, некои во странство – посочува Ненадиќ.

Последните податоци на ДЗС за бројот на работниците во индустријата во јануари 2022 година покажуваат дека во однос на јануари 2021 година има намалување за 2,4 отсто.

– Бројот на работниците во секторот Рударство и вадење камен во јануари 2022 година во однос на јануари 2021 година бележи опаѓање од 2,7 отсто, во секторот Преработувачка индустрија опаѓање од 2,5 проценти, а во секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација опаѓање од 1,3 отсто – наведуваат од ДЗС.