Упатените посочуваат дека придобивките за државата и за стопанството од предлог-мерка за намалување на ДДВ-то ќе бидат повеќекратни, бидејќи ќе се овозможи градежништвото да се справи со ценовните шокови, што ќе доведе до намалување на производствените трошоци, со што значајно ќе се зголеми конкурентноста на градежната индустрија и на тој начин таа ќе биде поконкурентна во европски размери

Соочена со драстичните поскапувања на градежните материјали, но и намалениот обем на работа, градежната фела во земјава на крајот на минатата годината испорача неколку барања до Владата, со цел надминување на овој турбулентен период, кој, како што посочуваат инволвираните, влијае врз нивната рентабилност.
Градежниците побараа да се воведе повластена даночна стапка на данокот на додадена вредност од пет проценти за да се намалат штетните ефекти од драстичниот раст на цените на градежните производи и репроматеријалите при јавните набавки, каде што е пропишана фиксна цена во тек на реализација на јавните набавки и каде што единствен услов за нејзино добивање е најниската цена.
– Ценовните поскапувања на градежните производи за време на здравствено-економската криза се значителни и според анализите на Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите кај одредени производи, како челичните профили и цевки достигнуваат и до речиси 100 отсто. Тоа директно се одразува врз трошоците за изведба на компаниите и на исплатливоста на реализацијата на проектите. Со оглед дека состојбата е неизвесна и не се знае крајот на поскапувањата, имајќи предвид дека од почетокот на пандемијата градежниот сектор не беше дел од економските сектори за кои беа креирани посебни антикризни мерки, бизнис-заедницата цени дека што поскоро е потребно тоа да се случи, а како една од мерките предложи да се воведе повластена даночна стапка на данокот на додадена вредност од пет проценти и за прометот и за увозот на градежни производи, до стабилизирање на пазарот на градежни производи – велат претставниците на Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите при Стопанската комора на Северна Македонија.

Тие посочуваат дека придобивките за државата и за стопанството од оваа предлог-мерка ќе бидат повеќекратни, бидејќи, како што наведуваат, со намалувањето на ДДВ-то ќе се овозможи градежништвото да се справи со ценовните шокови, што ќе доведе до намалување на производствените трошоци, со што значајно ќе се зголеми конкурентноста на градежната индустрија и на тој начин таа ќе биде поконкурентна во европски размери.
– Дополнително, поконкурентни ќе бидат и производителите на градежни производи и изведувачите на капиталните проекти, наедно, отворајќи простор за одржување на динамиката и за зачувување на роковите за реализација на проектите. Истовремено, ќе се отвори простор за инвестиции во секторот домување, граѓаните нема да се одвраќаат од одлуката за приватни вложувања и од социјална гледна точка нема да се соочат со покачување на цените на становите, а ќе има и придобивки од аспект на намалување на сивата економија, бидејќи со намалувањето на стапката на ДДВ ќе нема мотив да не се плаќа данокот и ќе се сервисираат обврските кон државата. Ваквото барање беше истакнато и на средбата со ресорниот министер и очекуваме дека тој ќе се заложи да се излезе во пресрет на барањата на градежниците и да се создадат услови за развој на оваа стопанска гранка, која може да придонесе за закрепнување и раст на домашната економија – појаснуваат од здружението.
Меѓу барањата на градежната фела во насока на подобрување на условите за работа, се и предлог-постапките за доделување на договорите за јавни набавки на работи, во тендерската документација да се предвидува можност за корекција на цените за да се овозможи договорите за јавни набавки да се изменуваат во случај на покачување на цените без спроведување нова постапка за јавна набавка.
– Во однос на веќе склучените договори за јавни набавки, беше предложено Владата по примерот на некои земји во регионот (Република Хрватска) да ги повика договорните органи заедно со договорните страни да пристапат кон анализа на договорените единечни цени на градежни материјали и производи, за да ги утврдат ставките каде што промената на цената по почетокот на пандемијата влијаела на нивно зголемување за повеќе од 10 отсто, по што врз основа на анализата потоа ќе пристапат кон измена на договорите. Овој предлог исто така беше дискутиран на работната средба со министерот пред крајот на годината и очекуваме дека ќе се разгледува заедно со другите што беа испорачани од страна на градежниците – велат од здружението.

Оттаму посочуваат дека градежништвото како стопанска гранка со себе повлекува ангажман на дваесетина други стопански гранки и е еден од двигателите на домашната економија. Од здружението во повеќе наврати имаат посочено дека домашните градежни компании имаат капацитет за реализација на сериозни инфраструктурни проекти, а доказ за тоа се децениското искуство и многубројните референции, кои, покрај во нашата држава, се стекнати и во земјите од регионот, но и пошироко (Блискиот Исток, Русија, Украина, Албанија, Бугарија, Германија, Чешка, Србија и Црна Гора и други земји).
– Најавите за градежна офанзива на Коридорот 8 и на Коридорот 10 со стратегиски партнер се од интерес и за домашните компании, имајќи ги предвид големината и потенцијалите на нашата држава. Оттаму се и барањата на домашните компании за појаснување на регулативата, која неодамна беше усвоена во врска со посоченото прашање, а со која се предвидува и обврска во реализација на проектите над 51 процент да бидат ангажирани домашни ресурси, како и очекувањата на компаниите да бидат вклучени во реализацијата, што за нив ќе донесе многубројни придобивки од аспект на размена на искуства, развој и примена на нови технологии и стекнување нови референции – појаснуваат од комората.
Градежниците укажуваат дека поскапувањата на производите влијаат и врз цените на становите, како и врз одлуките за приватни вложувања во домувањето (реновирање, реконструкција и слично), што, покрај компаниите, ги засега и приватните инвеститори и граѓаните.
Потпретседателот на Стопанската комора на Северозападна Македонија (СКСЗМ), Салим Хасани, објаснува дека повеќе фактори влијаат врз секторот.

– Поскапувањето на градежните материјали, на електричната енергија, растот на платите, не оставаат простор да кажеме кога ќе заврши овој период на поскапување. Компаниите се во незавидна позиција, имаат преземени обврски, се обврзале со договори, во кои се проектирани цени, а од друга страна цените постојано се зголемуваат. Сите чинители што ја формираат цената на станбениот простор се во пораст, а фактор што придонесува за раст на цената на објектите се и локацијата и понудата од станбен и деловен простор. Поради намалените одобренија за градба во минатото, што се должеше на мораториумите, беше намалена изградбата на станбени објекти, што во одредени делови од главниот град веднаш се одрази на цената. Со зголемена побарувачка, а намалена понуда, цените растат. Комбинацијата на овие фактори придонесе до раст на цените на становите, па токму затоа ни требаат локации за градба, за да се одговори на побарувачката – објаснува Хасани.
Дополнува дека врз формирањето на цената на станбениот простор големо влијание имаат локацијата и атрактивноста, посочува дека и најбарани се становите во центарот на главниот град, каде што се и највисоки цените на станбениот и деловниот простор.
– Растот на сите чинители не ни оставаат простор да правиме планови како во минатото. Поради растот на цените има опасност да се намали побарувачката на становите. Ваков драстичен скок ќе има реперкусии и врз градежната фела. Енормните поскапувања не дозволуваат да правиме прогнози како ќе се развива секторот во иднина – потенцира Хасани.