Инвестициската група Galena Resource Equities Limited („Galena“), која е подружница на Trafigura Group купи 20 проценти од акциите од Еуромакс Ресорсис, вложувајќи четири милиони долари свеж капитал. Износот од инвестицијата ќе се користи за континуиран развој на рудникот за злато и бакар Иловица-Штука и за општи корпоративни цели на компанијата.

– Со влезот на свеж капитал во Еуромакс Ресорсис, компанијата што ја поседува концесијата за проектот за развој и злато Иловица–Штука, инвеститорите јасно порачуваат дека веруваат во добрата бизнис клима и потенцијалите за развој на Македонија, во интерес на локалното население, а согласно највисоките принципи за заштита на животната средина – се вели во соопштението од Еуромакс Ресорсис.

Во него се додава дека Европската банка за обнова и развој (ЕБРД), продолжува да биде значаен акционер поседува над 19 проценти од проектот, а присуството на оваа реномирана институција дополнително гарантира почитување на високите стандарди за заштита на животната средина, согласно македонската и европската регулатива. ЕБРД ја покажува својата континуирана поддршка на овој проект, докажувајќи го тоа со согласност за зголемување на времето за враќање на заемот.

– Компанијата одлучи да се откаже од употребата на цијанид, употребувајќи модерна рударска технологија, а преку работата на рудникот ќе придонесе за развој на економијата што ќе резултира со раст на бруто домашниот производ од три проценти на годишно ниво – се додава во соопштението.

Galena Asset Management S.A. е инвестициска гранка во целосна сопственост на Trafigura Group, водечка светска трговска фирма за стоки, и е овластена и регулирана од страна на Швајцарската агенција за надзор над финансискиот пазар (FINMA). Повеќе од една деценија Galena работи на финансиските и стоковите берзи, овозможувајќи им на водечките институционални инвеститори пристап до можностите за инвестирање заедно со Trafigura Group преку фондови или управувани сметки.