Фото МИА

На иницијатива на Народната банка, а заради создавање услови за поддршка на развојот на финтек-секторот, финансиските регулатори ‒ Народната банка (НБ), Министерството за финансии (МФ), Комисијата за хартии од вредност (КХВ), Агенцијата за супервизија на капитално финансираното пензиско осигурување (МАПАС) и Агенцијата за супервизија на осигурувањето (АСО), склучија Меморандум за соработка.

Со Меморандумот, како што информираа денеска од Народна банка, се поставува систем преку кој регулаторите координирано ќе дејствуваат, секој во својата надлежност, во однос на  спроведувањето на националната Стратегија за финтек-секторот чијашто прва верзија е веќе подготвена од Народната банка.

Меморандумот беше потпишан од страна на гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска, министерот за финансии Фатмир Бесими, претседателката на КХВ Нора Алити, претседателот на Советот на експерти на МАПАС, Максуд Али и претседателот на Советот на експерти на АСО, Крсте Шајноски.

Со Меморандумот, како што се наведува во соопштението, се предвидува формирање Комитет за поддршка на развојот на иновациите во финансискиот систем во Република Северна Македонија (Комитет за финтек-секторот), чии членови ќе бидат гувернерката, министерот за финансии и претседателите на КХВ, МАПАС и АСО. Со Комитетот ќе претседава гувернерот или министерот за финансии, а претседателството ќе ротира еднаш годишно. Покрај Комитетот за финтек-секторот, ќе се формираат и други оперативни тела коишто ќе работат на осмислување и спроведување на стратегиските активности за создавање приемчива финтек-околина. Предвидено е формирање и Поткомитет со по два члена од секој од финансиските регулатори, работни групи, како и Секретаријат.

-Преку поставување висококоординиран институционален систем за финализирање и спроведување на првата национална финтек-стратегија, се очекува дека ќе се постигне синергија во вкупните резултати на ова поле. Првата национална финтек-стратегија би била готова оваа година и со неа би се дефинирале решенијата и политиките со кои ќе се поддржи развојот на иновативните технолошки решенија во финансискиот систем. Развојот на финтек-секторот е од големо значење за јакнењето на економијата на една земја, пред сѐ поради неговиот потенцијал за зголемување на финансиската инклузија. За граѓаните, развојот на финтек-секторот значи повеќе можности и поевтини финансиски услуги, се посочува во соопштението од Народна банка