Фото: Фејсбук/Илхам Алиев

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и претседателот на Азербејџан Илхам Алиев денеска во Баку потпишаа Меморандум за разбирање за стратешко партнерство во енергетскиот сектор.

Меморандумот предвидува обврска да се удвои капацитетот на гасоводот Јужен гасен коридор со цел до 2027 година да испорачува најмалку 20 милијарди кубни метри гас годишно во ЕУ.

Зголемувањето на испораките на гас од Азербејџан ќе придонесе за целите за диверзификација на снабдувањето на планот „REPowerEU“ и исто така ќе и помогне на Унијата да ја прекине зависноста од рускиот гас, соопшти Европската комисија.

Азербејџан веќе ги зголеми испораките на гас во ЕУ, од 8,1 милијарди кубни метри во 2021 година на 12 милијарди во 2022 година, врз основа на зајакната енергетска соработка.

Фон дер Лајен рече дека новиот Меморандум отвора ново поглавје во енергетската соработка со Азербејџан, кој е клучен партнер на ЕУ за намалување на зависноста од руските фосилни горива.

– Ние не сакаме само да го зајакнеме постојното партнерство … туку и да поставиме темели на долгорочно партнерство во областа на енергетската ефикасност и чистата енергија – рече претседателката на Комисијата.

Во Меморандумот се наведува дека ЕУ и Азербејџан имаат заедничка амбиција да го забрзаат развојот и воведувањето капацитети за производство и пренос на енергија од обновливи извори.

Целта, како што соопшти Комисијата, е да се искористи синергијата меѓу транзицијата на ЕУ кон чиста енергија и големиот неискористен капацитет на Азербејџан за енергија од обновливи извори, особено во случај на оенергија на море.

Европската комесарка за енергетика Кадри Симсон рече дека Меморандумот ја нагласува стратешката улога на Јужниот гасен коридор во напорите на Брисел за диверзификација.

Симсон рече и дека соработката меѓу ЕУ и Азербејџан не е ограничена само на испорака на гас, туку се однесува и на воведување обновливи извори и решавање на проблемот со емисиите на метан.