Фото: Архива

Царинската управа неодамна одбележи 30 години од своето формирање. По тој повод, за досегашните резултати во работењето, како и за идните планови поразговараме со директорката на Царинската управа, Славица Кутиров

Модернизација на царината во следниот тригодишен период преку повеќе проекти, како програмата за Електронска царина, но и модернизација на граничниот премин Делчево, изградба на нов граничен премин во Преспанскиот Регионот – Маркова Нога, како и нов систем за видеонадзор и автоматско распознавање на регистарски таблички на граничните премини се само дел од проектите што во следниот период се планираат од Царинската управа, која деновиве одбележи 30 години од своето формирање.
– На 14 април 1992 година, пред точно 30 години, Собранието на независна и самостојна Република Македонија го донесе првиот Закон за Царинска управа, со кој таа се етаблира како самостоен орган со својство на правно лице, овластен да ги спроведува законите и прописите од областа на царините во нашата држава. Во период од 30 години, Царинската управа прерасна во модерна, ефикасна и стабилна институција, ценета и афирмирана во земјава и на меѓународен план. Во врска со понатамошните развојни активности, сакам да истакнам дека иако на почетокот од 2020 година се соочивме со непредвидливоста и стравот од пандемијата на ковид-19, како институција покажавме исклучителна способност за брзо приспособување и проактивно дејствување во новонастанатите околности. Применивме низа интервентни мерки за ефикасно ублажување на последиците од здравствената криза, обезбедувајќи непречен прекуграничен проток на стоките преку меѓународниот синџир на снабдување. Недвосмислено и брзо се приспособивме на примена на нови алатки и начини на работа, продолжувајќи, со исто темпо, да ги реализираме развојните активности – појаснува директорката на Царинската управа, Славица Кутиров.
Директорката за „Нова Македонија“ посочи дека иако биле реализирани повеќе проекти за модернизација на граничните премини и олеснување на царинското работење, предизвиците и напредокот не застануваат.

– Со финансиска поддршка од Европската Унија, успешно имплементиравме повеќе значајни проекти, за модернизација на царинското работење и инфраструктура, а работиме и на нови. Во соработка со Министерството за внатрешни работи, воспоставуваме нов податочен центар за возобновување од катастрофи, применувајќи најсовремени информатички и безбедносни стандарди. Заедно со нашите колеги од Хрватска и од Австрија, од Министерството за финансии и Управата за јавни приходи, во март 2020 година започнавме со реализација на твининг-проект за подобрување на наплатата на приходите и даночните и царинските прописи. Преку видеоконференциски алатки реализиравме над 80 работилници на различни теми и области од нашето работење и продолжуваме и понатаму. Со интензивни активности на програмирање и планирање, на почетокот од годинава ги донесовме Стратегијата за развој и Акциониот план на Царинската управа за периодот 2022 – 2024 година, во кој ги дефиниравме проектите за понатамошна модернизација на царината во следниот тригодишен период – потенцира Кутиров.
Како што ни појасни директорката, со средства од ИПА-фондовите, во фаза на подготовка се неколку проекти од Програмата за Електронска царина – еЦарина, наменети за развој и имплементација на нови ИКТ-системи што ќе овозможат поврзување со системите на Европската Унија. Преку истите фондови се планира и модернизација на граничниот премин Делчево, како и изградба на целосно нов граничен премин во Преспанскиот Регионот – Маркова Нога.
– Со поддршка од Светската банка и Меѓународната финансиска корпорација (ИФЦ), преку Проектот за олеснување на трговијата и транспортот во земјите од Западен Балкан, во соработка со Владата и другите надлежни институции, го подготвивме Блупринтот за новиот Национален едношалтерски систем, во кој ги вградивме барањата за примена на најсовремените стандарди и практики за олеснување на прекуграничната трговија. Во периодот што следува очекуваме да започнат и неговиот развој и имплементација. Преку истиот проект на Светската банка, работиме и на имплементација на нов систем за видеонадзор и автоматско распознавање на регистарски таблички на граничните премини, како значајна алатка за сузбивање на недозволената трговија, шверц и корупција. Предвидена е и реконструкција на граничните премини Ќафасан и Деве Баир – вели директорката на Царинската управа.
Наедно, Кутиров посочува дека иако нѐ делат граници, регионална соработка никогаш не била на повисоко ниво отколку денес, а со иницијативата „Отворен Балкан“ се реализирале повеќе активности, кои овозможиле дополнително забрзување на протокот на стоки и патници.

– Успешно функционираат заедничките контроли и концептот на OneStopShop со Србија на граничниот премин Табановце, а се работи и на имплементација на истиот концепт со Албанија и со Косово. Со поддршка на УСАИД – Канцеларијата за економски развој и раст на претпријатија, реализиравме заеднички проект со Албанија за унапредување на капацитетите на граничниот премин Ќафасан за воведување заеднички контроли, со вклучување на сите гранични агенции. „Зелените коридори“ за проток на осетлива стока успешно и непречено функционираат во регионот на ЦЕФТА, со тенденција за проширување кон соседните земји-членки на ЕУ. Преку новиот проект СЕЕД+ на ЦЕФТА, работиме на дополнителна размена на податоци и гранични документи. Бележиме и значаен напредок во заемното признавање на компаниите со статус на овластен економски оператор со Србија, а работиме и на заемно признавање на овој статус со Албанија – посочува Кутиров.