Фото: Игор Бансколиев

Светски аналитичари укажуваат дека 2022 година е навистина тешка за креирање прогнози како ќе се движи економијата, бидејќи има голем број економски прашања покрај пандемијата. Домашните аналитичари посочуваат дека нашата земја, која се карактеризира со мала и отворена економија, но и увозно зависна, не може да биде имуна на светските случувања

АНАЛИЗА ЗА ПРЕДИЗВИЦИТЕ ВО 2022-ТА

„Никој не знае во каква насока ќе се движи актуелната пандемија или дали неодамнешните зголемувања на цените ќе бидат минливи, што значи дека економските прогнози ќе станат уште ‘поопасни’ од вообичаено“. Со оваа реченица аналитичарот Џим О’Нил ја започна својата анализа за „Проџект синдикејт“. Тој е поранешен претседател на одборот за управување со капитал во Голдман Сакс и поранешен британски министер за финансии, а сега актуелен претседател на „Чатам хаус“. О’Нил укажува дека некои од трендовите треба да се следат со поголемо внимание и дека некои од политиките ќе треба да се менуваат.
– Кога станува збор за 2022 година (и потоа), не сум сигурен дали вреди да се преправаме. Не можам да се сетам дали некогаш воопшто имало толку многу големи прашалници во однос на толку голем број клучни економски прашања. Едно од најургентните и најактуелни прашања, освен ковид-19, е прашањето на инфлацијата. Дали поскапувањата што се случија се минливи или претставуваат нешто пострашно? Мојот бескорисен одговор е: „Не знам“. Повеќето од денешниве инфлаторни притисоци можеби сè уште се однесуваат на брзината на закрепнувањето на голем број економии и, се разбира, на големите и сè уште постојни нарушувања на снабдувањето. Но самиот недостиг во понудата може да биде симптом на поголеми проблеми, како што се преголемо стимулирање на економијата, неефективни монетарни политики или слаб раст на продуктивноста. Импликациите за финансиските пазари би биле сосема различни во зависност од тоа кои од овие фактори се во функција и до кој степен – пишува О’Нил.
Тој исто така се осврнува и на државните долгови, посочувајќи дека е многу важно зошто е направен долгот. Објаснува дека долгот направен за да се спречи колапс на економската активност е сосема различен од долгот направен за финансирање преголема и амбициозна агенда на владата. О’Нил укажува дека уште пред пандемијата било јасно дека бескрајната великодушност на централните банки, карактеристична за периодот по 2008 година, ја надживеа својата корисност.
– Многу е интересно што, по повеќе години борба за повисоки стапки на инфлација (близу или над нивните наведени цели), централните банки сега се одлучија да ја сметаат инфлацијата за нешто привремено. Всушност, централните банкари немаат подобра идеја од вас или од мене за тоа дали инфлацијата ќе потрае. Но дури и ако се покаже дека е минлива, оправдувањето за дарежлива монетарна политика сè уште не држи вода. Со воведување лабави финансиски услови, централните банки придонесуваат за растечкиот сомнеж дека плодовите на модерниот капитализам се првенствено наменети за оние малкумина што се привилегирани, кои поседуваат средства – пишува О’Нил во колумната.

Тој исто така се осврнува и на прашањето за продуктивноста и прашува „дали промените во однесувањето и во иновациите што се предизвикани од пандемијата го најавуваат долгоочекуваното враќање на големите придобивки кај продуктивноста“. Меѓу другото, посочува дека дополнително, при анализа за иднината, тука е и долгата листа на неконвенционални макропрашања што треба да се земат предвид.
– Дали растечката кинеска економија може подобро да се интегрира во глобалната економија е нешто што останува да се види. Никој не може да претпостави какви пресврти ќе донесе пандемијата. Дали омикрон ќе стане новата доминантна варијанта или ќе биде заменета со уште една? А што е со другите големи закани, како што е тивката пандемија на антимикробната отпорност или ризиците поврзани со климатските промени? Како што стојат работите, се чини малку веројатно дека гласачите – особено постарите лица што имаат ограничени или фиксни приходи – ќе толерираат повторни зголемувања на цената на енергијата, дури и ако тие се неопходната карактеристика на транзицијата кон почисти алтернативи. Креаторите на политики ќе треба креативно да размислуваат како да се справат со овој проблем. Уште едно големо прашање е глобалната сиромаштија, која повторно почна да се зголемува во последниве две години. Елиминирањето на ова зло било уште поголем предизвик во споредба со енергетската транзиција – заклучува О’Нил.
Домашните економисти укажуваат дека бидејќи македонската економија е пред сѐ мала и отворена, увозно ориентирана, таа е подложна на шоковите од светските турбуленции, особено што сега веќе економијата е повеќе вклучена во светските текови.
– Изгледите на македонската економија за 2022 година се доста црни. Уште на самиот почеток на годината настапува значителен пораст на цената на струјата. Нафтените деривати најверојатно уште одреден период ќе го задржат сегашното високо ниво, а можно е и дополнително да пораснат. Цените на храната на светскиот пазар бележат рекордни нивоа, незабележани со децении. Сето ова ќе се одрази на општиот пораст на цените и на пад на животниот стандард. Исто така не смее да се заборави и на пандемијата, при што влошувањето на ситуацијата може дополнително да ја втурне економијата во проблеми – вели економистот Здравко Савески.

Тој објаснува дека на економијата ќе ѝ бидат потребни различни мерки што ќе даваат брзи решенија, како и надминување на долгогодишните системски проблеми, но и постојано внимателно следење на состојбите.
– За да се стабилизира економијата, ќе бидат потребни интервентни решенија. Но ќе мора да се решаваат и системските прашања, како падот на капацитетот за производство на енергија и стагнантната состојба со земјоделството и производството на храна. Веќе ги гледаме ефектите, како од намалувањето на енергетскиот капацитет и растечката енергетска зависност од светскиот пазар, така и од зголемувањето на цените на храната, поради намалените приноси на светско ниво. Ова не се лесни прашања за адресирање, но ние доаѓаме до крајот на периодот кога тие можеа да се ставаат под тепих – објаснува Савески.
Универзитетскиот професорот Марјан Петрески од „Американ колеџ“ појаснува дека низ изминатата 2021 година, особено во втората половина, економијата поминувала низ фаза на закрепнување од пандемијата, но додава дека закрепнувањето оди побавно од очекуваното, поради забавувањето на имунизацијата и продолжениот ефект од новите соеви на вирусот.
– Пандемијата и понатаму ќе влијае врз економијата, ќе преовладува најмалку во првата половина од 2022 година. Освен овие пандемиски ефекти, тековно, најважниот проблем со кој се соочуваат фирмите и граѓаните се растечките цени на енергентите на светските берзи, што како ефект се префрла и кај нас, и директно, затоа што не произведуваме доволно електрична енергија и кусоците мора да ги набавуваме по високи берзански цени, но и индиректно, поради зголемените трошоци за производство на електрична енергија во домашните капацитети. Фирмите веќе го почувствуваа енергетскиот шок, бидејќи веќе купуваат електрична енергија по многу повисоки цени споредено со пред шест или девет месеци. Добрата вест е што се очекува со стабилизацијата на производството на струја на европскиот континент во првата половина на 2022 година да се стабилизира и цената, но неповолната вест е што не се очекува дека цената ќе се намали, што значи дека стабилизацијата би настанала околу повисокото ниво – објаснува Петрески.
Професорот објаснува дека има два клучни фактора што го обликуваат закрепнувањето на домашната економија, тоа се сѐ уште отежнатите синџири на снабдување и состојбите со енергијата.

– Во неколку индустрии, од кои дел се релевантни за нас, затоа што таков тип индустрии имаме во слободните зони, синџирите на снабдување сѐ уште се со одредени тесни грла, иако притисоците почнаа малку да попуштаат. Тоа создаде дисбаланси меѓу зголемената побарувачка, предизвикана од зголеменото трошење на фирмите и граѓаните со олабавувањето на стегите од пандемијата, и прекинатата или отежнатата понуда. Очекувањата беа дека овие дисбаланси брзо ќе се коригираат, но тоа не се случи, така што ќе бидат присутни и во дел од 2022-та. Во однос на енергетската криза на европското тло, останува да се види како ќе тече производството од обновливите извори, што е одредено од временските услови, а тоа ќе влијае на цената. Но, со вакви околности, сепак можеме нешто да сториме на домашен план, за да помогнеме за закрепнувањето. Тоа во голема мера ќе зависи од тоа каков буст ќе биде подготвена да даде новата влада во делот на отстранување на структурните пречки на растот и реализацијата на капиталните инвестиции. Мислам дека на крајот, дали ќе имаме раст од 4 отсто – сегашниот, или од над 5 проценти, зависи доминантно од овие две работи, а нивното извршување зависи од способноста на министрите, значи од персоналните решенија и адекватноста на нивните профили за областа во која се поставени да раководат – укажува Петрески.