Фото: Игор Бансколиев

Стереотипи при вработувањето и поделба на машки и на женски професии, потешко добивање високи раководни функции за жените, пониски плати од оние кај мажите се некои од проблемите со кои, според упатените, но и според одредени статистики, константно се соочуваат жените во Македонија. Иако во последните години во Македонија се забележува намалување на родовиот јаз за речиси десет процентни поени, сепак тој сѐ уште е висок, а ниското учество на жените на пазарот на трудот се истакнува како еден од главните притисоци со кои тој се соочува.
Деспина Туманоска, програмска координаторка во институтот за економски истражувања и политики „Фајненс тинк“, за „Нова Македонија“ вели дека најголема разлика помеѓу мажите и жените на пазарот на трудот постои во стапката на активност.

– Жената е континуирано во една инфериорна положба на пазарот на трудот, главна причина за тоа е традиционалната улога за грижа на семејството, домот, а особено за децата. Голем број жени се неактивни поради тоа што мора да се грижат за домот, што, пак, од друга страна е резултат на недоволниот капацитет на центрите за ран детски развој каде што може децата да бидат згрижени и со тоа да се ослободат жените за да имаат слободно време што би го искористиле за нивно вработување или за активација на пазарот на трудот – смета Туманоска.

Деспина Тумановска / Фото: „Фајненс тинк“

Значајни мерки, според Туманоска, би биле и оние што се однесуваат на олеснување на улогата на жените во домот, затоа што тоа е една од главните причини за неучество на пазарот на трудот и на крајот мерките за едукација и информирање, кои, како што вели, се неопходни за секоја работоспособна жена да се вклучи на пазарот на трудот.
– Мерките за активација не значат директно неактивната жена да се однесе од дома во компанија и да работи, туку прво тие да учествуваат на мотивациски обуки, да подлежат на еден процес на менторство и на крајот да се вклучат во некоја од постојните активни мерки за вработување. Следно е воведување во период на адаптација, во кој невработеното лице што користи социјална помош може истовремено да биде корисник и на активна мерка за вработување за да се спречи стравот од непосредно губење на помошта од државата. Во наши претходни истражувања сме заклучиле дека токму стравот од губење на социјалната помош од државата е една од причините зошто голем број жени не се осмелуваат да се вклучат на пазарот на трудот – потенцира Туманоска.
Таа додава дека вториот сет мерки насочени кон поттикнување на женското претприемништво може да се реализира со зголемување на буџетот наменет за имплементација на активните мерки за вработување, особено на мерките што целат на директно вработување, како што се грантовите за самовработување и субвенционирање на платите.

– Оваа мерка е врз база на нашата анализа, која покажа дека буџетот издвоен за имплементација на активните мерки за вработување континуирано расте и тој надмина една милијарда денари, меѓутоа во однос на вкупните буџетски расходи нивното учество е мало со само околу 0,6 отсто – појаснува Туманоска.
Според неа, помал дел од корисниците на мерки што водат кон директно вработување како грантови за самовработување и субвенционирање плати се жени, односно само една третина од корисниците се жени, а речиси 70 отсто се мажи. И со цел поттикнување на женското претприемништво предлагаат воведување квота од најмалку 40 отсто учество на жените во оваа мерка.
– Исто така нашето истражување покажа дека стравот од започнување и водење бизнис е една од главните причини зошто жените не се осмелуваат да се самовработат, па затоа предлагаме намалување на трошоците и олеснување на процедурите за основање компанија и помош и поддршка за компании основани од жени – посочува Туманоска.
Следните мерки што ги предлагаат, како што вели таа, се за олеснување на обврските на жените во домот, згрижување на децата во претшколска возраст, отворање нови капацитети, како и воведување продолжен престој на учениците во првите одделенија во основно училиште, што може да им овозможи на мајките да се вклучат на пазарот на трудот.

– Сметам дека работата од дома и скратеното работно време може да ја олеснат улогата на жената за полесен компромис меѓу работните и домашните обврски – додава Туманоска.
Таа нагласува дека последниот сет на мерки е насочен кон едукација и информирање на жените за нивната можност да се вклучат на пазарот на трудот, но и зошто е битно една жена да биде вработена и да биде финансиски независна со различни информативни кампањи за рушење на стереотипите, обуки за развој на претприемничката култура и можностите за започнување и водење бизнис.