Фото: Игор Бансколиев

На седница на Управниот одбор на АД ЕСМ донесена е одлука за кадровски промени во РЕК „Битола“ и во РЕК „Осломеј“, наведено е во соопштението до јавноста.

Разрешен е директорот на РЕК „Битола“ Златко Ќурчиевски и на негово место за в.д. директор е назначен Пеце Матевски, досегашен директор на Термоелектрана.

Во РЕК „Осломеј“ разрешен е директорот Златко Пиперкоски и на негово место за в.д. директор е назначен Стојан Мицкоски, досегашен технички директор во „Рудници“.

– Во следните денови ќе бидат извршени и други кадровски поместувања внатре во комбинатите, со цел подобрување на процесот на производство и соочување со предизвиците од енергетската криза – појаснуваат од таму. M.M.

Министерот за економија Крешник Бектеши рече дека целосно ја поддржува одлуката за разрешување на директорите на РЕК „Битола“ и РЕК „Осломеј“.

– Давам целосна поддршка на одлуката за разрешување на директорите на РЕК „Битола“ и РЕК „Осломеј“. Како надлежна институција во областа на енергетиката Министерството за економија во континуитет бара одговорно, домаќинско и професионално менаџирање на институциите, напиша на својот Фејсбук профил Бектеши по повод одлуката на Управниот одбор на АД ЕСМ за кадровски промени со кои се разрешени директорите на РЕК „Битола“ и РЕК „Осломеј“.

Министерот напиша дека нема да има ценовни шокови кај електричната енергија од јануари следната година и дека нема да има рестрикции на електрична енергија.

– Посветено ја следиме работата на сите енергетските компании – напиша Бектеши.