Фото: Маја Јаневска-Илиева

Колку и како промените во вредноста на еврото ќе влијаат врз македонската економија? Колку ова ќе ги погоди македонските граѓани, дали треба да се менуваат заштедите во друга валута, или да се купуваат евра додека се поевтини?

Курсот помеѓу еврото и американскиот долар е ист за првпат по 20 години. Едно евро е точно еден долар, што значи дека вредноста на еврото е пониска за повеќе од 12 отсто во однос на почетокот на годинава. Со тоа, еврото е најслабо во однос на доларот од зимата 2002 година, пред дваесет години.

Колку и како промените во вредноста на еврото ќе влијаат врз македонската економија? Колку ова ќе ги погоди нашите граѓани, дали треба да се менуваат заштедите во друга валута, или да се купуваат евра додека се поевтини?

На сите овие прашања разговаравме со економските експерти, кои велат дека ваквата состојба нема да има директни и големи последици врз македонската економија, туку најголем дел од влијанието е кај компании кои тргуваат во долари.

Соговорниците велат дека главната изложеност на македонската економија и во поглед на трговијата и во поглед на финансиските текови, вклучително и задолжувањето, е главно кон европските економии, односно доминантната деноминација е во евра, а изложеноста во долари е мала. Посочуваат дека зајакнувањето на доларот на светско ниво би можело да се одрази врз компании што тргуваат и плаќаат во долари.

Растот на доларот е нешто за што Европа треба да се радува

Економистот Горан Рафајловски посочува дека врзувањето на македонската валутна единица денарот со еврото е нешто што го одржуваме со години. Така што, според него, зголемувањето на другите валути нема влијае на македонската валута.

Фото: Рафајловски консалтинг

– Главниот извоз Македонија го прави во Европската унија, а воедно и узоз на стоки. Таа размена за нас е константна и непроменета. Многу малку се извезува и се увезува надвор од Европската Унија, можеби делумно со Кина, но и таа размена оди делумно со евра, делумно со долари. Во случајот проблем ќе имаат американските извозници, значи зголемувањето на доларот ќе направи проблем за америкаската економија, а може позитивно да влијае на европската економија. Растот на доларот е нешто за што Европа треба да се радува – посочува Рафајловски.

На констатацијата дека растот на вредноста на доларот ќе влијае врз кредитите што се земени во странство и кои се исплаќаат во долари, Рафајловски прашува колку такви случаи имаме во земјава.

– Се работи за процент или за промил, какво е влијанието на промилот во економијата. Нема поместувања во овој дел – посочува тој.

Зголемувањето на доларот може да го намали јавниот долг на државата

Економскиот аналитичар Висар Адеми вели дека ваквата состојба на еврото и на денарот нама да влијае многу на македонската економија, зашто денарот е фиксен кон еврото.

Фото: Приватна архива

– Секое намалување на еврото ќе влијае за нас, односно за целиот наш извозен капацитет, кој е во евра. Но во случајот имаме две придобивки, од кои едната е тоа што со зголемување на доларот, ќе се намали јавниот долг, кој ни е во евра, ако планираме да платиме повеќе долг, односно повеќе задолжувања со помалку пари. Второ, ние како држава немаме некој голем извоз, па затоа не можеме да кажеме дека ќе изгубиме многу, не сме извозно ориентирана држава. Во нашата земја ќе изгубат можеби неколку компании кои плаќаат во долари, но тие се малку на број – анализира Адеми.

Според него, земјата нема флексибилен курс, денарот е фиксен кон еврото, па затоа нема да има знчајни поместувања во економијата на ова поле.