Фото: Стопанска комора

Реалниот сектор бара одговор на четири прашања пред да се пристапи кон расправа за нацрт-концептот за даночните реформи. Ги презентираше Бранко Азески, претседател на Стопанската комора. Неговото обраќање го пренесуваме во целост

„Деновиве во Комората пристигна нацрт-концептот за даночни реформи, кој треба да претставува основа за јавна расправа во наредниот период. Малку чудно, бидејќи очекував разговори околу нашите предлози за проблемот број еден, а тоа е цената на електричната енергија. Нормално, додека не пристигна нацрт-концептот за даночни реформи, разменив и мислења со одговорните луѓе во Комората, кои како договорени ми поставија четири прашања. Ценејќи дека тие прашања се од суштинска важност, пред да започне расправата одлучив јавно да ги изнесам, бидејќи самиот предлагач се залага за транспарентност на оваа расправа. Покрај нив, првичните реакции се однесуваа и на прашањата од даночната евазија и што се презема на тој план, сугерирајќи прво да се искористат внатрешните можности пред да се отвори расправата, која доаѓа во еден исклучително тежок момент за бизнисот. Но, да одиме по ред. Накратко, има четири прашања за кои реалниот сектор бара одговор пред да се пристапи кон расправа за нацрт-концептот за даночните реформи.

1. Поради инфлаторните движења, каматните стапки од ден на ден се зголемуваат на финансиските пазари. Република Северна Македонија пред неколку месеци упати барање за задолжување преку еврообврзница и барање до Меѓународниот монетарен фонд за користење линија за претпазливост и за ликвидност. До денес на бизнисот сѐ уште не му е познато до каде се постапките во врска со овие аранжмани за прибавување ликвидни средства, кои денес чинат многу повеќе.

2. Што е со барањата и со предлозите на Стопанската комора на Северна Македонија кои во форма на иницијатива од МЕА ѝ беа понудени на државата како излезни решенија од енергетската криза? Предлозите беа конкретно наменети за компаниите, за стопанството, и бараат итна и одлучна реакција на носителите на економската политика за спас на реалниот сектор, кој е единствен кој создава додадена вредност во државата. А сите знаеме дека тоа прашање е во многу голема корелација со прашањето за новите даноци.

3. Нели е нормално во нацрт-концепт за даночни реформи да се предвидат и прецизни рокови и услови на кои ќе се обврзе државата за понуда на поквалитетни услуги спрема приватниот сектор; рокови за дигитализација на нејзините процеси, за укинување на парафискалните давачки, како и за намалување на сивата економија и на корупцијата? Односно бизнисот очекува понуда на пинг-понг решение, што значи дека пред државата да одлучи да ги зголеми даноците треба да им докаже на даночните обврзници дека е ефикасна, ефективна, транспарентна и дека нуди квалитетни услуги.

4. Низ овие прашања може да се види зошто на нашата држава ѝ е потребен рамковен економски договор, за кој Собранието на СКСМ, како највисок орган на најстарата и најмоќна бизнис-асоцијација во земјава, со усвојувањето на Декларацијата за општествен консензус за економски реформи, политики и мерки, повикува на консензус и на поддршка од сите субјекти во државава за нејзино што поскоро применување, како прв чекор кон нова страница во развојот на македонската економија за општо добро на сите граѓани на земјата.

П.С. Можам да потврдам дека Декларацијата за општествен консензус за економски реформи, политики и мерки, усвоена точно на денот на 100-годишнината од коморското организирање во нашата држава (14.7.2022 година), досега ја потпишале и целосно се согласиле со нејзиниот текст 133 компании и 3 институции (МАНУ, Универзитетот „Американ колеџ – Скопје“ и Организацијата на работодавачи на Македонија), а активностите на тој план продолжуваат и натаму. “