Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, ја прими амбасадорката на Соединетите Американски Држави, Кејт Мари Брнз.

Брнз му го честита изборот за премиер на Димитар Ковачевски и му посака успех во спроведувањето на програмските цели на новиот владин кабинет, меѓу кои соработката со САД како стратешки партнер на Македонија е во врвот на приоритетите на меѓународната политика на земјата.

На средбата меѓу Ковачевски и амбасадорката Брнз стана збор и за определбата да продолжи економската соработка меѓу двете земји со посебен акцент на поттикнувањето проекти и инвестиции што ќе ѝ овозможат трајна и одржлива енергетска независност на Македонија.

На средбата беше истакнато дека за Вашингтон, Македонија и регионот остануваат важен геостратешки интерес и во таа насока од клучна важност за САД е деблокирање на евроинтеграцискиот процес за земјата и одржување на првата меѓувладина конференција со Брисел и отворањето на првите поглавја во процесот за членство во ЕУ.

Премиерот Ковачевски на работната средба со амбасадорката Брнс нагласи дека најавената официјална посета на премиерот на Република Бугарија, Кирил Петков, и на членовите на неговата влада за 18 јануари е добра порака, која најавува сериозен исчекор за отворените прашања меѓу двете земји и за изнаоѓање решенија прифатливи за двете страни.

Амбасадорката Брнс потенцира дека за САД, односите меѓу двете земји како најблиски соседи и сојузници во НАТО е од исклучителна важност и дека од особено значење е брзото решавање на клучните прашања што ќе го овозможат континуитетот на процесот за членство на Македонија во ЕУ.