Фото: Игор Бансколиев

Одлуката за замрзнување на маржата на одредени производи, со цел ограничување на растот на цените, веднаш даде резултат, се наведува во соопштението од македонската влада. Цените на основните производи се намалени од 5 до 10 отсто. Се прави корекција на цените, а тоа ќе продолжи и во претстојните денови. Најголемо намалување се очекува кај маслото за јадење и до 10 отсто, понатаму кај тестенините, како и на сите други основни производи опфатени во владината одлука.

Владата континуирано ја следи состојбата и во услови на најавени нови покачувања на цените на производите интервенираше веднаш за да го заштити стандардот на граѓаните. Заклучно со 30 септември 2022 година, за леб, бел сечен на парчиња или цел, шеќер бел, како и сончогледово масло за јадење, се утврдува трговска маржа во висина до 5 отсто во трговијата на големо и до 5 отсто во трговијата на мало. За брашно од пченица – тип 400 и тип 500, макарони и шпагети од тврда пченица, македонски ориз бел, трајно кравјо млеко со масленост од 2,8 отсто, 3,2 отсто и 3,5 отсто и јајца од кокошка за сите трговски друштва и трговци поединци што учествуваат во трговскиот синџир се утврдува трговска маржа во висина до 10 отсто во трговијата на големо и до 10 отсто во трговијата на мало.

Во периодот што следува, интензивно продолжуваат контролите за трговците, со цел да нема драстично зголемување на маржите и истите тие соодветно да се санкционираат. Владата и во иднина ќе ја следи состојбата и доколку условите на пазарот налагаат, ќе се разгледа можноста одлуката да продолжи до крајот на 2022 година, се вели во вчерашното соопштение до јавноста.

Најбогатите луѓе во светот со денови трпат загуби поради колапсот на пазарот пред новото соопштение на Федералните резерви за каматните стапки. Индексот на милијардери на „Блумберг“ покажа дека 500-те најбогати луѓе изгубиле 206 милијарди долари во понеделникот, а вкупно 1,4 билион долари од почетокот на 2022 година. Гледајќи ги само петте најбогати луѓе во светот, вкупните загуби изнесуваат повеќе од 345 милијарди долари во 2022 година. Првите пет најбогати, според „Блумберг“, се – извршниот директор на „Спејс икс“ и на „Тесла“, Илон Маск, основачот на „Амазон“, Џеф Безос, шефот на ЛВМХ, Бернар Арно, коосновачот на „Мајкрософт“, Бил Гејтс, и Ворен Бафет од „Беркшир Хатавеј“.

Последната распродажба беше поттикната од пазарите, кои ги променија нивните очекувања за зголемување на каматните стапки во светлината на помеките од очекуваните податоци за инфлацијата, објавени во петокот.

Цените на стоките и услугите за лична потрошувачка во Хрватска во мај годинава се зголемиле за 10,8 отсто, во однос на истиот месец во 2021 година, соопшти хрватскиот Државен завод за статистика. Во мај инфлацијата продолжила да се забрзува, а највисока годишна стапка на инфлација во Хрватска досега била забележана минатиот месец, од 9,4 отсто. Пред април 2022 година, инфлацијата била највисока во јули 2008 година, кога била 8,4 отсто.

Цените на стоките и услугите за лична потрошувачка, пресметани преку индексот на цени за широка потрошувачка, исто така, пораснале на месечно ниво и во мај биле во просек за 1,4 отсто повисоки од април, додека цените биле во просек за 5,4 отсто повисоки на годишно ниво, пишува во извештајот на ДЗС.

На годишно ниво, речиси сите категории бележат пораст, а најмногу транспортните цени, кои се зголемени за 19 отсто. Следуваат храната и безалкохолните пијалаци со раст од 15,2 отсто, потоа рестораните и хотелите со 12,1 отсто, потоа категоријата мебел, покуќнина и редовно одржување на домаќинствата, која бележи скок од 11,7 отсто, а потоа категоријата домување, вода, струја, гас и други горива, со раст од 9,2 отсто.